Проблемите со кои се соочуваат компаниите и можностите за посилен и поквалитетен локален економски развој беа во фокусот на средбата на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со бизнисмени од регионалните комори во Прилеп, Битола и Кичево. На средбата присуствуваа и градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, како и претставници на Управниот одбор на Комората.
Едно од клучните прашања што ги отвори бизнис-заедницата е потребата од измени во Законот за јавни набавки. Според предлозите изнесени на средбата, при изборот на понудувач поголемо значење треба да има квалитетот, наместо доминантен критериум да биде најниската цена, а беше посочена и потребата од поголемо учество на домашните компании.
Азески истакна дека Комората се залага и за поедноставување на административните постапки за издавање дозволи и други документи што компаниите ги обезбедуваат од државните институции. Според Комората, ваквите промени треба да придонесат за полесно функционирање на бизнисот, поголема дигитализација на процесите и поефикасна борба против корупцијата.
На средбата биле отворени и прашањата за „Недела – неработен ден“ и Законот за празниците. Поради различните ставови и искуства на компаниите, беше оценето дека за овие прашања во следниот период е потребна поширока дебата.
Прилепските компании со три иницијативи: Пониски царини за суровини, промени кај боледувањата и подобра патна инфраструктура
Компаниите од Регионалната комора во Прилеп излегоа со три иницијативи за подобрување на условите за работење, зголемување на конкурентноста и поддршка на економскиот развој на регионот.
Првата иницијатива се однесува на намалување или привремено укинување на царинските давачки за суровини за кои во одредени периоди нема доволно домашно производство. Според бизнис-заедницата, недостигот од домашни суровини и високите увозни давачки ги зголемуваат трошоците и им отежнуваат на компаниите навреме да ги исполнат нарачките од странските купувачи. На подолг рок, предупредуваат дека тоа може да влијае врз производството, извозот и задржувањето на постојните пазари.
Втората иницијатива предвидува унапредување на законските решенија за боледувањата, особено во однос на последиците од подолгите отсуства врз организацијата и трошоците на компаниите. Од Комората нагласуваат дека целта не е ограничување на правото на боледување, туку целосна заштита на оправданите отсуства и поефикасно спречување на евентуалните злоупотреби.
Третото барање е санација и подобрување на патниот правец Прилеп – Ракле. Лошата состојба на делови од патот, според компаниите, го отежнува транспортот на стоки и суровини и создава дополнителни проблеми во секојдневното работење.
На средбата беше нагласена и потребата од модерна патна и железничка инфраструктура, како и развој на гасоводната мрежа, како предуслов за побрз развој на Пелагониско-преспанскиот стопански регион.
Според изнесените податоци, регионот учествува со околу 14% во БДП на земјата, во Пелагонија и Преспа работат околу 8.600 деловни субјекти, а се бележат економски раст од 3,5%, зголемување на извозот и отворање на десет нови компании.






















