Осумнаесет македонски компании од прехранбената индустрија ќе ги претстават своите производи на SIAL 2026 во Париз, еден од најголемите и највлијателни светски саеми за храна и пијалаци. Настанот ќе се одржи од 17 до 21 октомври и ќе собере илјадници производители, дистрибутери, трговци и професионални купувачи од целиот свет.
Македонската прехранбена индустрија на саемот ќе ја претставуваат Макпрогрес, Лион, Макс, Випро, Вори, Соко, Хортена, Ексклузив Фуд, McRobin, Ларс, Фруктана, КИМ, Дадо хит, Жито пром, Техноалат комерц, Аграр Ко, Ки си Логистик и Алтера.
Станува збор за компании од индустријата за преработка на овошје и зеленчук, обединети преку Македонската асоцијација на преработувачи, како и за кондиторски компании, кои важат за најизвозно ориентирани домашни индустрии.
Настапот во Париз е можност македонските производители да ги претстават своите производи пред меѓународни купувачи и дистрибутери, да воспостават нови деловни контакти и да отворат можности за пласман на нови извозни пазари.
8.000 изложувачи од 130 земји
SIAL Paris се одржува на секои две години и претставува едно од најзначајните глобални места за средба на прехранбената индустрија.
Годинава се најавени околу 8.000 изложувачи од 130 земји, кои ќе претстават повеќе од 400.000 производи и иновации. Се очекува саемот да го посетат околу 300.000 професионалци, меѓу кои голем број носители на деловни одлуки.
Токму концентрацијата на производители, увозници, дистрибутери и трговски синџири го прави SIAL значајна платформа за компаниите што бараат нови партнери и можности за интернационализација.
Во фокусот новите трендови во прехранбената индустрија
Повеќе од шест децении SIAL Paris е место каде што се следат промените во глобалната прехранбена индустрија – од новите навики на потрошувачите и развојот на производи, до технологијата, одржливоста и промените во глобалните синџири на снабдување.
Овогодишното издание доаѓа во период на значајни промени за секторот. Климатските промени, геополитичките ризици, растот на трошоците, вештачката интелигенција и новите очекувања на потрошувачите ги принудуваат производителите побрзо да се приспособуваат и да инвестираат во иновации.
За македонските компании, присуството на ваков глобален настан е можност не само за промоција на производите, туку и за директен контакт со потенцијални купувачи, следење на конкуренцијата и трендовите и отворање нови извозни канали.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
21 македонска компанија на најголемиот светски саем за храна – Anuga 2025 во Келн!
Десет македонски компании на престижниот меѓународен саем Fruit Attraction 2025 во Мадрид






















