Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ денеска официјално го одбележа почетокот на изградбата на втората фабрика во технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) 2 во Скопје.
Во новата фабрика на „Гересхајмер“ со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло, шприцеви за вакцини и фармацевтски продукти за потребите на светски фармацевтски реномирани компании.
Планирано е отворање на над 180 нови работни места, со просечна плата повисока од државниот просек.
–Пред околу четири години од „Гересхајмер“ направија смел чекор, инвестирајќи во изградба на фабрика за медицинска пластика, токму овде во ТИРЗ во Скопје. Нашата држава беше избрана како дестинација на „Гересхајмер“, кој веќе ги постави темелите на својата втора фабрика во Југоисточна Европа во оваа технолошка зона, во време кога целиот свет се соочуваше со едно од најголемите кризи на последните столетија поради корона кризата“, изјави премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето по повод новата инвестиција.
Според премиерот, инвестицијата на „Гересхајмер“ е вистинска одлука во вистинско време. До ден денес, рече Ковачевски, „Гересхајмер“ остана најголемиот закупец и најголемиот поединечен инвеститор во ТИРЗ во Северна Македонија и најголем инвеститор во ТИРЗ зоните по висина на инвестиции.
“Тука во ТИРЗ Скопје 2 се реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевската индустрија на „Гересхајмер“ и во првата фаза минатата година, тие ја проширија инвстицијата од првичните 35 милиони евра на 65 милиони евра. Тука веќе се вработени 100 наши сограѓани. Со изградба на втората фабрика за специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини, инвестицијата ќе достигне над 126 милиони евра, што е највисока инвестиција од основањето на технолошко-индустриските развојни зони“, рече Ковачевски.
Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел, истакна дека покрај доброто искуство во работењето, дополнителен поттик за проширување на инвестицијата е поддршката и условите што како инвеститор ги добиле од државата.
„Одбележуваме значителен развој кој резултираше со потребата за проширување на нашето производство во поддршка на растечките можности. Клучно за носењето на одлуката за проширување на инвестицијата во Северна Македонија беше доброто искуство коешто го имавме со нашата прва инвестиција, работните услови во земјата, состојбата со инфраструктурата, транспарентност на трошоците, расположливоста на квалификуван кадар и поддршка од надлежните. Ова не поттикна да ја прошириме инвестицијата токму овде, во Северна Македонија, во близина на постоечката фабрика, која што стартуваше во 2019 година, а која произведува примарно производство на пластика за фармацевтската индустрија“, нагласи Бургел.
“Заедно со проширувањето на овој капацитет кој што го посетивме денеска, на кој што веќе работиме, и со овој што го гледаме тука, двете фази на компанијата достигнуваат инвестиција која што е за малку помала од 200 милиони евра, така што зборуваме за најголемата Гринфилд инвестција во историјата на С. Македонија. Тоа е сериозен исчекор напред“, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Привремениот Вршител на работите во Амбaсадата на Германија, Ото Граф, во своето обраќање се осврна на значењето на оваа инвестиција во билатералната соработка.
„Денес е среќен ден за Северна Македонија и Германија. „Гересхајмер“ инвестира во нов производствен капацитет. Тоа се должи на билатералната соработка меѓу двете земји, за што се случуваат и бројни германски инвестиции во Северна Македонија“, посочи Граф.