Украина планира да и го отстапи својот железнички систем на германската Deutsche Bahn на десетгодишно управување. Ова го потврди украинскиот премиер Алексеј Гончарук за време на посетата на Давос.
Неодамна украинското Министерство за инфраструктура потпиша меморандум за разбирање со германскиот железнички превозник Deutsche Bahn, што тогаш беше најавено како логично продолжување на планот за реструктуирање на украинските железници, што го најави претседателот Володимир Зеленски минатата година.
Германската Deutsche Bahn појаснува дека станува збор за советување и поддршка во реформите на украинската железница, а сопственоста и управувањето и понатаму ќе останат кај државната украинска компаниај Ukrzaliznytsia.
“Се надевам дека германската оперативна ефикасност и нулта толеранција кон корупција ќе станат основа за промена на ситуацијата во компанијата”, смета премиерот Гочарук.
Државната компанија Ukrzaliznytsia редовно е критикувана заради застарената и нетранспарентна организација, застарената железничка опрема и преголемата вработеност.
Инаку, украинската Ukrzaliznytsia e меѓу седумте најголеми железнички превозници на патници и товар во светот.
Германската државна железничка компанија Deutsche Bahn е најголем оператор во Европа, има соработки со многу други железнички системи низ светот и остварува годишни приходи од околу 40 милијарди евра.