Српските власти потпишаа договор за продажба на уделот на државата од 83,23% во  Комерцијална банка на најголемата словенечка банка НЛБ (Nova Ljubljanska Banka NLB).
Акциите на државата во најголемата банка во Србија, Комерцијална банка, се продаени за цена од 387,02 милиони евра, кои ќе бидат исплатени во готовина.
Постојните акционери на Комерцијална банка, исто така, ќе добијат дивиденда во износ од 50% од вкупниот нето приход во 2019 година, од што српската влада се очекува да добие дополнителни приходи од околу 31 милиони евра.

Куповната цена подразбира проценка од 465 милиони евра за 100% од обичниот капитал на Комерцијална банка, што претставува мултипликатор од 0,77x од консолидираниот акционерски капитал на Банката заклучно со 30 јуни 2019 година  и шест пати повеќе од проценетата заработка за 2019 година, се објаснува во соопштението на словенечката НЛБ.

Со оваа трансакција НЛБ ќе го зајакне своето присуство во регионот и ќе ја консолидира својата позиција на најголема банкарска групација присутна во регионот.

 „Како резултат на купопродажната трансакција, пазарниот удел на НЛБ во Србија ќе се зголеми на над 12,1% според вкупните средства, со што НЛБ ќе стане трета по големина банкарска групација во Србија со многу уникатна позиција на една од водечките банки на сите пазари каде што е присутна Групацијата. Операциите на НЛБ во Србија ќе бидат најголеми операции надвор од Словенија“, изјави извршниот директор на NLB, Блаж Бродњак.

Со купувањето на Комерцијална банка, НЛБ на своето портфолио ќе додаде повеќе од 770.000 активни клиенти во малопродажба и најголема мрежа од 203 филијали во Србија, како и подружницитете на Комерцијална банка во Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Словенечката банкарска групација е присутна и на македонскиот пазар и ја поседува НЛБ Банка , која е трета по големина банка во земјава.

Трансакцијата се очекува да заврши во последниот квартал годинава, откако ќе ги добие потребните одобрувања од регулаторите, вклучително и Европската централна банка, Банката на Словенија и Националната банка на Србија.

Досегашната банка на словенечката НЛБ во Србија, има 28 филијали, вкупна актива од 614 милиони евра и 4,1 милиони евра профит за минатата година. Комерцијална банка, пак, има вкупна актива од 3,5 милијарди евра, а минатата година оствари профит од 74 милиони евра. Српската Комерцијална банка има 2.744 вработени и над 200 експозитури во Србија, и претставништва во Црна Гора и Република Српска.

НЛБ, која беше приватизирана во текот на изминатите две години, има пазарна капитализација од околу 1,2 милијарди евра и работи во Словенија, Србија, Босна, Косово, С.Македонија и Црна Гора. Државата  сè уште контролира 25% од НЛБ и планира да го задржи овој удел на долг рок.

Со овој потег, групата НЛБ ја консолидираше својата позиција како најголем банкарски играч во пошироката област на поранешна Југославија, со седиште во регионот.

Српските власти парите ќе ги инвестираат во “Србија 2025”

“Ние веруваме дека во случај на финансиски услуги на отворен пазар приватниот сопственик може да биде подобар сопственик од државата. НЛБ е сериозна банка со јасна стратегија и визија, а во исто време таа е единствената регионална финансиска институција која е листирана на Лондонската берза. Ние сме задоволни од процесот кој беше транспарентно и успешно завршен“, смета српскиот министер за финансии Синиша Мали.

Тој потенцира дека државата има намера добиените пари од продажбата на уделот во Комерцијална да ги инвестира мудро во најголем дел во инвестицискиот план” Србија 2025 “, со кој се планира да се подобри квалитетот на живот на граѓаните и да овозможи понатамошен раст на БДП.

Инаку, понуда за купување на српската Комерцијална банка, освен НЛБ, доставиле и српската АИК банка и австриската Рајфајзен банка Интернешнл.