Грција е убедлив лидер во регионот кога станува збор за извозот на сирење. Во текот на изминатата 2021 година од Грција на странските пазари било извезено сирење во вредност од 714,4 милиони долари, што е раст од 18,5% во споредба со претходната година.
Според вредноста на извезеното сирење Грција е 16-ти најголем извозник во светот и убедлив лидер во регионот, покажуваат податоците на Worldtopexportс.

Македонските производители на млеко и млечни производи, пак, продаваат многу многу малку сирење во странство. Извозот на сирење во текот на минатата 2021 година изнезувал само 1,5 милиони долари, што е пад од 24,5% во однос на претходната година. Македонија е единствена земја од регионот која лани имала пад на вредноста на извезеното сирење, додека сите земји од регионот имале раст на извозот на сирење.

Поле Грција, Бугарија е втор најголем извозник на сирење од регионот. Лани од Бугарија биле извезени сирења на странските пазари во вредност од околу 118 милиони евра и била 32 најголем извозник во светот. Србија во изминатата 2021 година имала извоз во вредност од 55,8 милиони долари  и е 40-ти извозник во светот, следат Словенија со извоз од 40,7 милиони долари, Хрватска со извоз од 38,4 милиони долари и БиХ со извоз вреден 6,5 милиони долари.

Единствено помалку сирење од Македонија имала Албанија, од само 900 илјади евра, но вредноста бележи годишен раст од над 500%.

Германија и Холандија се најголеми извозници на сирење во светот


Извозот на сирење на светско ниво во 2021 година достигна вредност од 36,9 милијарди долари, што е раст од 10,8% на годишно ниво.

Европа е најголем извозник на сирење во светот со 83,5% од вкупниот извоз во вредност од 30,5 милијарди долари.
Најголем извозник на сирење во светот е Германија која лани на странските пазари продала сирење во вредност од 5,4 милијарди долари или 14,7% од вкупниот светски извоз на сирење.

Холандија е втор најголем извозник на сирење во светот со извоз вреден 4,6 милијарди долари.

Петте најголеми извозници на сирење Германија, Холандија, Италија, Франција и САД учествуваат со 54% во вкупниот извоз на сирење во светот во минатата 2020 година.

Податоците покажуваат дека Македонија има поразителни резултати кога е во прашање производството и извозот на млеко и млечни производи. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата 2021 година во Македонија биле произведено најмала количина на кравјо млеко во последните 10 години.

Посебно ако се спореди со Словенија која со иста територија и број на жители успева годишно да извезува млеко во вредност од над 130 милиони долари, плус заработува и десетици милиони долари од извозот на други млечни производи.