Европската унија планира денеска да ги измени своите санкции кон Москва со тоа што ќе дозволи одмрзнување на некои средства на водечките руски банки со цел да се олеснат тесните грла во глобалната трговија со храна и ѓубрива.

Овој потег доаѓа во време на критики од африканските лидери за негативното влијание на санкциите врз трговијата, што може да го влоши недостигот главно предизвикан од руската инвазија на Украина и нејзината блокада на пристаништата во Црното Море.

Според изменетата регулатива, која се очекува да биде усвоена од претставниците на ЕУ денеска, земјите на ЕУ ќе можат да ги одмрзнат претходно блокираните економски ресурси во сопственост на руските банки VTB , Sovcombank, Novikombank, Otkritie FC Bank, VEB, Promsvyazbank и Bank Rossiya, се вели во документот.

Исто така, според новите санкции што ќе бидат усвоени во денеска, Сбербанк , најголемата руска банка, исто така ќе стане предмет на замрзнување на нејзините средства, со исклучок на ресурсите потребни за трговија со храна, изјави претставник на ЕУ за Ројтерс.
Во нацрт-документот се вели дека парите би можеле да бидат ослободени „откако ќе се утврди дека таквите средства или економски ресурси се неопходни за купување, увоз или транспорт на земјоделски и прехранбени производи, вклучително и пченица и ѓубрива“.

Според ревидираните санкции, ЕУ, исто така, планира да го олесни извозот на храна од руските пристаништа, кои трговците престанаа да ги сервисираат по санкциите на ЕУ и покрај мерките кои експлицитно го ослободуваат извозот на храна, рече официјален претставник.

ЕУ, заедно со Соединетите Држави, Велика Британија и други, воведоа опсежни санкции кон Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари.