„Ми претставува огромна чест и задоволство што со потпишувањето на денешните договори меѓу ЈП ЖРСМ и фирмите изведувачи започнуваме еден мошне важен процес на ревитализација на неколку клучни делници со вкупна должина од 96 километри, по кои непречено и ефикасно ќе се одвива железничкиот сообраќај во земјава, а кој ќе придонесе за забрзан регионален и економски развој”, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан по повод потпишување на договорите за изградба на првата и втората фаза од железничката пруга на Коридот 8 и реконструкција на железничката пруга по Коридор 8.
“Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори. Инвестицијата воедно ќе обезбеди отворање на нови европски рути за железнички превоз и ќе нѐ поврзе со пристаништата во Албанија и Бугарија. Со оваа инфраструктурна инвестиција се отвораат и практично обезбедуваат нови пазари за домашните компании. Нашите компании полесно и побрзо ќе се поврзат со регионот и пошироко што отвора многу нови можности за просперитет и економски развој. Алтернативните рути кои ги обезбедува оваа инвестиција во крајна линија ќе значат и поевтин транспорт за компаниите, намалувајќи го товарот врз стопанството кое го носи економската и енергетска криза во која се наоѓаме“, изјави Ковачевски.
Станува збор за инвестиција од 200 милиони евра во која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10.
Австриската компанија „Штрабаг“ (Strabag AG) е избрана за да ја гради пругата од Куманово до Бељаковце, додека турски „Ѓулермак“ (Gülermak) ќе ја изведува втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија.
Првиот договор во вредност од 4,8 милиони евра, потпишан со фирмата „Штрабак“, предвидува реконструкција на делот од пругата на Коридорот 10 од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километри со рок на градба од шест месеци.
Вториот договор во вредност од 40,5 милиони евра, потпишан со фирмата „Штрабак“, е за првата делница на Коридорот 8 кон Бугарија, меѓу Куманово и Бељаковце, во должина од 31 километар и рок на градба од 24 месеци, односно до 2024 година. На овој дел ќе бидат изградени и три железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Клечовце и Довезанце.
Третиот договор е со фирмата „Ѓулермак“ за изградба на втората делница од Коридорот 8 кон Бугарија на делот од Бељковце до Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од 155 милиони евра, а рокот на градба е 36 месеци, односно треба да биде завршена до 2025 година. И на овој потег ќе бидат изградени две железнички станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта во вториот дел на пругата.
Овие проекти се финансирани со кредит од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР, но во вториот лот се користи средства од инструментот на ЕУ – Инвестициски фонд за Западен Балкан (ВБИФ), во висина од 68,5 милиони евра.
Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец изјави дека досега се обезбедени над 50% од целокупната финансиска конструкција и за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, за која веќе е комплетирана и целосната проектна документација. За третата делница од пругата кон Бугарија, веќе се обезбедени 155 милиони евра неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и дополнителни 61 милион евра преку ИПА програмата на ЕУ, така што за последната фаза државата има 216 од неопходните 405 милиони евра за финализирање на најтешката фаза од капиталниот проект.
Владиниот вицепремиер задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи изјави дека Владата годинава ја формира единицата за следење на капитални инфраструктурни проекти, која ќе треба да врши координација на сите капитални инвестиции во земјава за да се осигура дека проектите ќе бидат проектирани, изведени и комплетирани навреме од надлежните инвестиции.
„Пред граѓаните кажувам дека лично ќе ја следам нивната реализација“, изјави вицепремиерот Битиќи во однос на изградбата на пругата кон Бугарија и зададените рокови за нејзиното завршување.