Denari

Според најновите податоци од Народната банка за август 2025 година, вкупните кредити бележат месечен раст од 0,4%, што се должи на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поизразен раст кај секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 12,9%, под влијание на растот на кредитирањето кај двата сектора, со нешто поголем придонес од корпоративниот сектор.

Кредитирањето на фирмите во август бележи годишен раст од 15,4%, при што кредитите во денари се зголемени за 25%, додека кредитирањето во евра е намалено за 4,3% во споредба со истиот период минатата година.

Во однос на депозитната активност, вкупните депозити во банките бележат годишен раст од 12,4%, при зголемување на депозитите кај двата сектора, со поизразен придонес од секторот „домаќинства“.

Депозитите на корпоративниот сектор, во август, бележат месечно зголемување од 3,0%, главно под влијание на растот на краткорочните депозити, а во помала мера и на депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута. Од друга страна, долгорочните депозити на претпријатијата во денари бележат пад.

Во споредба со август 2024 година, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 14,5%, најмногу како резултат на растот на депозитните пари и краткорочните депозити.

Најновото соопштение за монетарните движења од Народната банка е достапно на: Монетарни движења во Република Северна Македонија.