Стопанските комори на Македонија и на Австрија организираа Македонско-австриски бизнис- средби, со цел поттикнување на соработката меѓу компаниите од двете земји (29.03.2023 година).
– Посетата на австриските бизнисмени во земјава е одговор на зголемениот интерес за соработка што бизнисмените ја иницираат, а ние како стопански комори ја поддржуваме. Република Северна Македонија и регионот имаат потреба од соработка на економски план особено во партнерство со силна економија како што е австриската. Соработката меѓу двете земји резултира со голем број на успешно реализирани бизнис-средби меѓу македонски и австриски компании во изминатите години, вклучувајќи ги и денешните, – истакна Антони Пешев, извршен директор на Комората.
Деловната соработка меѓу компаниите од двете земји веќе 20 години континуирано се интензивира и унапредува. Ова досега е најголемата бизнис делегација од Австрија во посета на Стопанската комора со цел зголемување на економската соработка преку изнаоѓање на бизнис-партнери, дистрибутери и на директни инвестиции истакна во своето обраќање Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија на Република Австрија.
– Во име на целата бизнис делегација, Бандера искажа благодарност за добрата соработка и организација на денешниот настан и додаде дека компаниите кои имаат интерес за соработка со австриските компании може слободно да се обратат до претставниците на Трговското одделение на Република Австрија во Република Северна Македонија и да ги добијат сите релевантни информации за остварување бизнис-соработка со тамошните компании.
Како дел од Австриската делегација присутни беа 25 еминентни австриски стопанственици кои остварија директни деловни-средби со над 60 македонски компании од различни области и тоа од сферата на телекомуникациите, радиодифузери и кабелски компании, проектирање од развој на проекти до надзор на изградба, високотехнолошки решенија во делот на роботиката и на автоматизацијата, снабдувачи на системи за индустриска вентилација и во други области.
Република Австрија е 20-ти трговски партнер на Република Северна Македонија за 2022 година. Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Австрија во 2022 година изнесува 248 милиони САД $, што претставува раст од 5,19% во однос на истиот период од минатата година. При тоа, остварен е раст од 2,14% во извозот што изнесува 88,5 милиони САД $, и увозното салдо бележи раст од 7 % и изнесува 160 милиони САД $.
Австрија е втор најголем инвеститор во Република Северна Македонија, земајќи ги во предвид податоците од Централниот регистар на РС Македонија за последните пет години, кога Австрија во 2021 година има остварено најмногу инвестиции во земјава, во износ од 101,5 милиони евра.
Согласно статистичките податоци за 2022 година, постои простор за поголема економска соработка што во моментов треба да се поттикне и насочи правилно, затоа што евидентиран е негативен биланс во трговската размена од 71,4 милиони САД $.
Најзначајни австриски инвестиции во Република Северна Македонија се инвестициите во електроенергетскиот сектор (ЕВН Македонија), банкарскиот и финансискиот сектор (Шпаркасе Банка), телекомуникацискиот сектор (А1 Македонија), градежништвото (Соравија Груп) итн.
По завршувањето на официјалниот протоколарен дел се остварија и бројни билатерални деловни средби меѓу македонски и австриски компании.