И додека најголемиот дел од македонските компании мака мачат со енергетската криза и високите цени на енергенсите, нафтените компании книжат огромни профити во работењето.

Најголемиот македонски трговец со нафтени деривати Макпетрол објави дека првата половина годинава ја завршил со добивка од редовно работење од околу 9 милиони евра (547 милиони денари), што е два и пол пати поголема од дообивката остварена во истиот период лани, а која изнесувала близу 3,5 милиони евра (214 милиони денари), што е раст од 155,4%.

Во консолидираните извештаи објавени на Македонската берза Макпетрол објавува дека првите шест месеци годинава имал приходи од продажба од 263 милиони евра (16 милијарди денари), раст од 83% или 120 милиони евра повеќе во споредба со приходите од продажба во првата половина од 2021 година.

Најголемиот дел од приходите од продажба на Макпетрол или 95% од нив во висина од 249 милиони евра се остварени од продажба на домашниот пазар, кои се поголеми за 77% во споредба со истиот период лани.

Приходите од продажба на странски пазари во овој период бележат голем раст од околу 4,5 пати, достигнувајќи речиси 14 милиони евра.

Оперативните расходи на Макпетрол во првите шест месеци годинава изнесувале близу 257 милиони евра и се за 81% поголеми во споредба со истиот период минатата година, што главно се должи на повисоките трошоци за суровини и материјали и повисоката набавна вредност на стоките заради повисоката цена на нафтата на светските берзи.

Во текот на изминатата 2021 година Макпетрол остварил консолидирана добивка пред оданочување од 25,4 милиони евра, која била четири пати повисока во споредба со претходната 2020 година, кога компанијата работела со добивка од редовно работење од 6,2 милиони евра.