Фото: Ројтерс

Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон денеска повикаа на создавање на 500 милијарди евра вреден Фонд за обнова, кој ќе може да понуди грантови, а не заеми, за земјите и регионите најтешко погодени од кризата со коронавирус, објавува Ројтерс.
Во заедничката изјава, Меркел и Макрон, предлагаат да се овласти Европската комисија да позајми пари на финансиските пазари во името на Европската унија, а во исто време да ги почитува договорите на ЕУ.

Фондот треба да е дел од буџетот на Европската комисија, како што посочија двајцата лидери на видео разговорот кој се одржува во време кога земјите од ЕУ минуваат низ најтешката рецесија во изминатите десетина години, но нема едногласност за тоа како да се обезбедат парите потребни за поддршка и обнова на погодените економии.

Меркел го нарече предлогот “амбициозен”, но потцрта дека Фондот треба да е дел од буџетот за кои Комисијата треба да достави ревидиран предлог заради корона вирусот.

“Целта е Европа да се поддржи, да излезе од кризата со здрави основни и солидарност,” рече Меркел.

Соработката помеѓу Париз и Берлин е нужна во овој момент, кога последиците од вирусот врз економииите се различни, а Фондот за закрепнување треба да се постави така штио сите држави да можат да реагираат во зависност од нивните можности, изјави Меркел.

За францускиот претседател Емануел Макрон ова е „голем чекор напред“.

Франција и Германија се обидуваат да претстават обединет фронт во новата криза сокоронавирусот, при што Франција е предводник на јужноевропските земји во притисоците да ги убедат фискално конзервативните земји како Германија да издадат заеднички европски долг за да им помогнат да го смират економското влијание.

Но, француско-германскиот договор, обелоденет денеска има за цел да дејствува како почеток на поширок договор на ЕУ.

Засега е нејасно дали Холандија би била подготвена да ја поддржи иницијативата од Париз и Берлин што предлага да им се понудат грантови на загрозени земји од ЕУ, а не заеми.