Нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација, е визијата на Македонија 2025 за домашната економија.

Како што рече извршната директорка Никица Мојсоска Блажески во воведното обраќање на Самитот што се одржува во Скопје, корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава се уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места.

– Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придинесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – истакна Мојсоска Блажески.

Таа посочи дека ова е единствена конференција која се оранизира веќе 14 години, со над 5.700 учесници, говорници од 77 земји од светот… бројни излагачи, претприемачи, академици, бизнисмени, лидери од светот кои земале учество. 

– Македонија 2025 започна како визија на Џон Битов постариот уште 2002-2003 година, се со една цел, да помогнеме Македонија да има посилна нација. Имаме визија да се мобилизира дијаспората за да се поттикне развојот во земјата. Целата е да помогнеме во општествениот развој на Македонија. Идејата беше да се помогне Македонија да се развие, но и да стане член на Европската унија до 2025 година, а оттаму и името на организацијата. 

Денес оваа организација спроведува бројни програми за развој на земјата и ги опфаќаат за нас најзначајните области, како образованието – истакна директорота на почетокот на Самитот.  

(Извор: МИА)