Руски Газпром ги информирал клиентите во Европа дека не може да гарантира снабдување со гас поради „вонредни“ околности и „виша сила“, објавува Ројтерс.
Во писмото на рускиот државен гасен гигант од 14 јули, се наведува дека ретроактивно прогласува виша сила за снабдување од 14 јуни.


Веста доаѓа во период кога Северен тек 1, клучен гасовод што испорачува руски гас до Германија и пошироко, е подложен на годишно одржување, со цел да стартува со работа од 21 јули.

Познатата клаузула виша сила е стандардна во деловните договори и наведува екстремни околности што ја ослободуваат странката од нивните законски обврски.

Испораките на руски гас веќе неколку месеци се намалуваат преку главните рути, вклучително и преку Украина и Белорусија, како и преку Северен тек 1 под Балтичкото Море.

Неофицијално вишата сила се однесува на пратките преку Северен тек.

Ова звучи како прво навестување дека испораките на гас „Северен тек“ веројатно нема да продолжат по завршувањето на 10-дневното одржување“, изјави за Ројтерс Ханс ван Клиф, висок енергетски економист во ABN Amro.

Во зависност од тоа какви „вонредни“ околности имаат на ум да прогласат виша сила и дали овие прашања се технички или повеќе политички, ова може да значи следен чекор во ескалацијата меѓу Русија и Европа/Германија“, додаде тој.

Унипер, најголемиот германски увозник на руски гас, е меѓу клиентите кои рекоа дека го добиле писмото.

РВЕ, најголемиот германски производител на електрична енергија и друг увозник на руски гас, исто така соопшти дека добил известување за виша сила.