Продажбите на автомобили во ЕУ растат веќе седми месец по ред, благодарение на зголемените продажби на најголемите пазари, како и заради олеснувањето на проблемите во синџирите на снабдување. Иако автомобилите на бензин имаат и понатаму најголемо учество, продажбата на електрични возила на батерии во февруари бележи раст од 39,7% во споредба со истиот месец од 2022 година.

Во февруари 2023 година, пазарот на патнички автомобили во ЕУ продолжи да има добри перформанси, со раст од 11,5% до 802.763 нови автомобили, објави Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Сепак, треба да се има во предвид дека основата за споредба со ланскиот февруари е ниска поради кризата со недостиг на полупроводници на почетокот на 2022 година.
Повеќето пазари во ЕУ покажаа силен раст, вклучувајќи ги и четирите најголеми, при што Шпанија и Италија забележаа најголеми зголемувања (+19,2% и +17,4%, соодветно).

Во првите два месеци од годината, пазарот на ЕУ достигна речиси 1,6 милиони регистрирани нови автомобили, што е за 11,4% повеќе од претходната година, благодарение на двоцифрениот пораст и во јануари и во февруари. Гледајќи ги четирите главни пазари на ЕУ, Шпанија (+32,1%) и Италија (+18,2%) забележаа највисок раст, а потоа следи Франција (+9,1%). Германските регистрации на автомобили останаа речиси исти (+0,2%) во овој двомесечен период.

Во февруари, забележан е пораст на бројот на електрични и хибридни автомобили со батерии регистрирани во ЕУ, кои сега имаат учество на пазарот од 12,1% и 25,5% од пазарот соодветно. Сепак, бензинот остана главен избор за новорегистрираните автомобили во ЕУ, со пазарен удел од 36,9%.

Продолжува да се зголемува бројот на електрични автомобили

Во февруари 2023 година регистрациите на нови електрични возила со батерии (BEV) во ЕУ се зголемија за 39,7% и достигнаа 97.300 автомобили, што резултираше со пазарен удел од 12,1%, во споредба со 9,7% во февруари 2022 година. Освен Чешка (-3,2%) и Словачка (-28,2%), сите пазари во регионот придонесоа за овој раст со двоцифрен и троцифрен процентуален раст, вклучувајќи ги и трите најголеми: Германија (+14,7%), Франција (+45,7%) и Холандија (+88,9%).

Силен месец имаа и хибридните електрични возила (HEVs), со зголемување на продажбата за 22,3% до 204.883 единици.

Овој раст во голема мера беше поддржан од двоцифрените добивки на четирите клучни пазари во регионот: Шпанија (+31,8%), Франција (+24,6%), Германија (+24,2%) и Италија (+23,9%). Како резултат на тоа, HEVs постигнаа пазарен удел од 25,5%, од 23,3% во февруари 2022 година.

Спротивно на тоа, регистрациите на plug-in хибридни возила (PHEV) во ЕУ се намалија за 7,4% на 57.569 продадени автомобили. Овој пад главно се должи на значителниот пад на продажбата во Германија (-44,8%), по завршувањето на субвенциите за plug-in хибриди во 2022 година.

Автомобилите на бензин и дизел се уште доминираат

Во февруари 2023 година, регистрациите на нови бензински автомобили во ЕУ се зголемија за 11,1%, со пазарен удел од 36,9%, што е на исто ниво со уделот забележан во 2022 година. Шпанија (+19,0%), Италија (+16,3%), Германија (+8,9%) и Франција (+7,7%) придонесоа најмногу за овој раст.

Од друга страна, пазарот на дизел автомобили во ЕУ продолжи да опаѓа (-8,4%), и покрај зголемувањето во некои централноевропски пазари како Полска (+18,9%) и Чешка (+12,4%), како и во Италија (+2,2%). Ова резултираше со пазарен удел од 15%, пад од 3,2 процентни поени од февруари 2022 година.

Renault со најголем раст на продажбите, Tesla останува лидер кај електричните возила

Францускиот производител Renault бележи најголем раст на продажбите меѓу големите европски производители на автомобили со 29% пораст во февруари, потпомогнат од порастот на испораките на Dacia од 54%.

Следи германскиот VW Group со раст од продажбите од 21,2% во февруари годинава.

Додека Model Y на Tesla Inc. беше најпродаваниот EV минатата година, Volkswagen AG и Stellantis NV се подготвуваат да претстават неколку модели на батерии во наредните месеци со попристапни цени, за да му конкурираат на американскиот лидер во продажбите на автомобили.

Извор: ACEA