На Меѓународниот саем за прехранбена индустрија „Gulfood 2024“, кој почна денеска во Дубаи и ќе трае до 23 февруари, учествува само една македонска прехранбена компанија. Компанијата Вивакс, која произведува и извезува овошни сокови и пијалоци ги изложува своите прооизводи годинава на најголемиот саем за храна во Дубаи. Вивакс е компанија основана во 1994 година како семејна компанија, производител на овошните сокови Вива.

За разлика од Македонија, Србија е присутна на овој саем со свој национален штанд на кој производите ги изложуваат 24 компании од прехранбената индустрија.
Свој национален штанд на Gulfood годинава има и Косово, на кој производите ги изложуваат осум компании.

Во наредните денови Дубаи ќе биде светски центар на индустријата за храна, пијалоци, услуги за поддршка и производствени програми, а настапот на овој саем е од големо значење за пласман на производите во Обединетите Арапски Емирати и блискоисточните пазари, но и на светските пазари.

Овогодинешното 29-то издание на Gulfood, кое се одржува во Светскиот трговски центар во Дубаи, ќе биде домаќин на рекордни 5.500 изложувачи од повеќе од 190 земји.