Шест македонски кондиторски компании се претставуваат на водечкиот саем ISM кој се одржува од 28 до 31 јануари во градот Келн, Германија.
Најголемиот македонски извозник од прехранбената индустррија Макпрогрес, потоа компанијата Витаминка, Макпромет, Макс, Лио и Мако Маркет годинава со свои штандови ги изложуваат производите.
Саемот ISM кој се одржува традиционално во германскиот град Келн е најголем светски саем специјализиран за кондиторија и ужинки и претставува одлична можност за македонските извозни компании да ги продлабочат соработките и да остварат нови контакти со потенцијални партнери и дистрибутери од целиот свет.
И оваа година на ISM ќе бидат претставени и најголемите технолошки иновации и трендови во кондиторската индустрија, со нови и иновативни слатки производи и грицки и над 1 400 изложувачи од 74 земји.
Исто така предвидена е и обемна специјализирана програма со дискусии и нови формати на настани. Под клучната тема на ISM “Охрабри. Овозможи. Возбуди!” фокусот е на предизвиците предизвикани од зголемувањето на цените на суровините и енергијата, како и на одржливоста и заштитата на климата.
Понатаму, за прв пат саемот им нуди на посетителите можност да се вклучат во размена за најновите трендови во е-трговијата, онлајн маркетингот и дигитализацијата на синџирите на снабдување.