Сања Радовановиќ, МСЦ Скопје: На клиентите им нудиме комплетна услуга во целиот транспортен процес од врата до врата

ИНТЕРВЈУ

САЊА РАДОВАНОВИЌ, извршен директор на МСЦ Скопје

Со зголемениот увоз и извоз на производите во странство, голем дел од македонските компании имаат потреба од сериозна и искусна поддршка од транспортни компании на кои може да се потпрат. МСЦ Скопје е присутна на локалниот пазар од 2006 година и нуди целосен опсег на услуги за поморски транспорт, со конекции на светските пристанишни мрежи.

Семејната компанија MSC Mediterranean Shipping Company, основана во 1970 година во Женева, започнувајќи со еден брод, прерасна во светски лидер во контејнерскиот превоз со флота од 730 бродови и повеќе од 150.000 вработени.

Преку мрежа од 524 канцеларии, MSC работи во 520 пристаништа на 260 трговски рути, транспортирајќи приближно 23 милиони TEU годишно.

Разговараме со Сања Радовановиќ, извршен директор на МСЦ Скопје за начините на кои тие ги поддржуваат своите клиенти.

Кои се најважните услуги што MSC ги нуди на клиентите на македонскиот пазар и која е причината поради која една компанија треба да ги користи услугите на MSC?

Радовановиќ: МСЦ Скопје нуди комплетна услуга од врата до врата, вклучително и камионски превоз од местото на потеклото на робата до крајната дестинација или од пристаниште на утовар  до пристаниште на истовар, според потребите на клиентите. Покрај поморскиот транспорт можеме да понудиме и осигурување на робата во текот на целиот транспорт во зависност од потребата на нашите клиенти. Водејќи се од тоа дека МСЦ е компанија која инсистира на партнерски однос со клиентите, грижата за корисниците ни е од исклучителна важност, нудиме сервис 24/7 за следење на пратките.

Во MSC работиме тимски и имаме специјализирани и обучени професионалци ширум светот кои се достапни за поддршка во текот на целиот транспортен процес.

Воедно, можеме да обезбедиме консултантски услуги и целосна поддршка од нашиот тим на специјалисти ( reefer specialist) за извозниците на замрзнат и разладен товар.

Поддршката вклучува и градење односи меѓу купувачите од Блискиот Исток и нашите компании кои произведуваат овошје и зеленчук.

Бидејќи сме директни претставници на MSC Mediterranean Shipping Company, нашите клиенти можат да сметаат на информации добиени од прва рака, доставени ефикасно што не е секогаш случај кога се користат повеќе добавувачи.

Кои услуги најмногу ги користат македонските компании? Која стока најмногу се транспортира преку вашата компанија?

Радовановиќ: Главните извозни транспортни дестинации се Далечниот Исток, Северо-западна Европа, Блискиот Исток и САД, додека типот на роба што се извезува е тутун, мермер, фероникел, прехранбени производи, вино и мебел.

Покрај останатите услуги, МСЦ за извозниците на вино нуди специјализирана опрема (flexibags) – најновиот додаток на нашите решенија за транспорт на стока во течна состојба.

Во изминатите неколку години сме сведоци на значителен пораст на извоз на роба кон Европа која вообичаено би се транспортирала со конвенционални камиони додека сега е префрлена на поморски транспорт, бидејќи се повеќе компании сметаат дека оваа опција е сигурна и економична.

Земјите од каде, пак, е регистриран најголем увоз се Далечниот Исток, Западен Медитеран, САД, Индија и Блискиот Исток. Кога станува збор за увезената стока, може да се каже дека речиси сите производи на полиците во продавниците во Македонија пристигнуваат со контејнери.

MSC truck at terminal, UK

Бидејќи земјата нема директен излез на море, за македонските компании кои тргуваат со светот, особено е важно да се има комплетно решение за транспорт на стоки, кое често вклучува користење на повеќе начини на транспорт. Колку ефикасно може ова да го обезбеди MSC?

Радовановиќ: Ова е дел од нашите услуги со кои ние овде во МСЦ посебно се гордееме, бидејќи, заедно со нашиот раст на обемот, го зголемуваме и нашиот капацитет за камионски транспорт. Воедно, поврзани сме со широката интермодална мрежа на MSC распространета ширум светот, која им овозможува на нашите клиенти повеќе опции на транспортирање на нивниот товар од врата до врата. Во овој момент можеме без никакво сомневање да кажеме дека нудиме сигурна услуга во внатрешниот транспорт за нашите клиенти, како за испорака до крајна дестинацијата, така и за подигање од нивните магацини до пристаништата, каде пратката би требало да се товари на брод.

Во изминатата година имаше големи пореметувања во поморскиот транспорт, предизвикани пред се од пандемијата на КОВИД-19 и пост-КОВИД закрепнувањето, што резултираше со голем недостиг на контејнери поради што цените на услугите драстично се зголемија. Како MSC пристапи кон сите овие предизвици, каква е ситуацијата сега?

Радовановиќ: И покрај неодамнешните пречки, вклучувајќи го недостатокот на опрема, недостатокот на простор на брод и метежот на пристаништата за претовар, МСЦ Скопје секогаш се трудеше да одржи високо ниво на услуга.

Партнерски работиме со клиентите  во изнаоѓање на најдобро решение и надминување на проблемите преку соодветно и навремено информирање за статусот на пратката.

Ова е од големо значење за нашите клиенти бидејќи информацијата е клучна за синџирот на снабдување, посебно за производствените компании, за поголема организираност во процесот на набавки, производство и ниво на залихи.

Нашата компанија постојано инвестира во својата флота, во услугите кои ги нуди и железничкиот транспорт за да им помогне на клиентите полесно да се справат со надминување на проблемите во глобалниот синџир на снабдување.

Секогаш се стремиме кон извонредност кога станува збор за нашата услуга, на што нашите клиенти можеа да сметаат во текот на овие предизвикувачки времиња.

Како е да се биде жена, извршен директор на MSC Скопје, компанија која во светски рамки е број 1?

Радовановиќ: Во последно време сведоци сме дека во светот на многу важни инситуции приматот го заземаат жени. Да се биде жена на врвот во одредена институција повеќе не е табу тема. Во канцеларијата во Скопје имаме 80% застапеност на жени наспроти мажи.

Да се биде директорка на МСЦ Скопје, компанија која го зазема првото место во светот на поморскиот транспорт, пред сè е привилегија, но и сериозна одговорност. Без разлика на полот, битно е кон обврските да се пристапува одговорно и посветено.

Како еден ваков традиционален тип на транспорт се носи со сите нови модерни трендови во денешницата?

Радовановиќ: МСЦ во текот на пандемијата инвестираше во технолошки решенија, со цел олеснување на тековните предизвици со кои се соочуваше светот. Се повеќе се охрабруаваат клиентите да ги користат дигиталните алатки. Идејата е со неколку клика клиентот да стигне до потребната информација.

Една од нашите најнови иновации на глобалниот пазар е MSC eBL, електронска верзија на традиционалниот товарен лист, документ што ние како бродска компанија го издаваме на добавувачот кога го превземаме товарот за транспорт. Електронскиот коносман ги задржува сите функции и законска тежина на традиционалниот коносман, истовремено овозможувајќи им на сите учесници во синџирот на снабдување електронски да ги пренесуваат документите, без никакво негативно влијание врз секојдневните деловни активности на клиентите.

Во наредниот период, MSC планира да го задржи својот фокус на понатамошни подобрувања и инвестиции во дигитални алатки, со цел да се подобри сеопфатната соработка со клиентите.

Дознајте повеќе за MSC на оваа врска: www.msc.com/mkd или контактирајте со нашата канцеларијата за да разговарате за вашите потреби за транспорт.

Интервјуто е целосно објавено во најновата специјална едиција Топ 100 Извозници 2022.