Најголемата македонска винарница “Тиквеш” објави дека првата половина годинава работела со позитивен финансиски резултат и раст на продажбите.
Финансиските неконсолидирани извештаи на винарницата Тиквеш објавени на Македонската берза покажуваат дека во првата половина годинава компанијата остварила вкупни приходи од продажба од 19,2 милиони евра, кои се поголеми за 52% во споредба со истиот период лани.
Околу 57% од приходите од продажба во првите шест месеци годинава винарницата Тиквеш ги остварила од продажба на странски пазар. Податоците покажуваат дека од продажба на странски пазари “Тиквеш” остварил приходи во вредност од 10,9 милиони евра, кои се за 88% поголеми во споредба со ппрвата половина од 2021 година.
Приходите од продажба на вино на домашниот пазар, пак, бележат раст од 21% и достигнуваат 8,3 милиони евра.
Винарницата Тиквеш информира дека трошоците на продадени производи бележат зголемување за 59%, достигнувајќи 13 милиони евра. Останатите трошоци исто така бележат зголемување, административните за 33%, трошоците за продажба и маркетинг за 30%, останатите оперативни расходи за 45% и финансисите за 20%, што резултира со оперативната добивка на износ од 884 илјади евра и нето добивка пред оданочување на износ од 737 илјади евра, што претставува зголемување за 99% во однос на истиот период од минатата година.
Од компанијата информираат дека во првата половина од 2021 година оствариле вложувања во материјални средства во износ од 472 илјади евра.