Реалниот девизен курс на денарот е зајакнат, тоа се одразува на конкурентноста на економијата, македонскиот извоз стана прескап за нашите трговски партнери – изјави новиот Гувернер на Народната Банка, Трајко Славески.

Универзитетскиот професор Трајко Славески и официјално е новиот гувернер кој во следните седум години ќе ја предводи Народната банка на Македонија.

Во свечената заклетва во Собранието, Славески потенцираше дека ќе ја оправда довербата, а оние кои имаат некакви забелешки ќе ги убеди во спротивното, дека Народна банка била и ќе остане независна институција.

Новиот гувернер ги посочи главните приоритети: ценовна и финансиска стабилност, поддршка на владините економски политики, стабилен и реален курс на денарот и зголемување на конкурентноста на извозот и македонската економија.

Се разбира законските надлежности се дефинирани, тоа е ценовна стабилност што за Македонија би значело ниска и стабилна инфлација и финансиска стабилност кои ќе бидат поддршка на амбициозните политики на Владата затоа што и една друга цел на Народната банка е да ги поддржува политиките на Владата и тоа ќе бидат основните приоритети. Јас ќе се фокусирам заедно со моите советници јадрото на функциите или основните функции на Централната банка кои ги наведов. Во изминатиот период нормално тоа беше на некој начин поттикнато од надвор од однесувањата на Светска банка и други централни банки, централните банки да ги шират своите надлежности, интереси на одредени прашања, кои се наметнуваат од поширок социјален интерес како на пример зелена енергија и слично јас мислам дека тоа треба да се остави на другите институции и Централната банка да се фокусира на трите основни цел, посочи Славески.

Новиот гувернер потенцираше дека вредноста на денарот е зголемена во однос на еврото и другите валути

Додаде дека очекувањата на јавноста се дека ќе има стабилен девизен курст, но дека тој како професионален економист го следи и реалниот курс на денарот.

Реалниот девизен курс на денарот е зајакнат, тоа се одразува на конкурентноста на економијата, македонскиот извоз стана прескап за нашите трговски партнери – смета Славески.
Вели ќе преземе мерки, но уверува дека нема да има девалвација на денарот, а курсот ќе остане фиксен.

„Значи зајакнат е денарот 5,4 проценти во однос на сите трговски партнери, а во однос на еврото денарот има апрецирано цели 9 проценти. Вие претпоставувам дека мнозинството сте економски новинари знаете дека тоа значи губење на конкурентноста на македонската економија. Република Македонија станува нели поскапа за нашите трговски партнери и тоа го погодува извозот, посебно оние трудоинтензивните дејности. “, вели Трајко Славески.

Според Славески, тоа е резултат на високата инфлација во земјава од ноември 2022 година до јануари годинава, двојно повисока од таа во еврозоната.

“Ова значи дека ќе треба стапката на инфлација да ја држиме во рамки на онаа во еврозоната. Тоа што имавме стабилен фиксен девизен курс изминатиов период се должеше на една единствена причина, нашата стапка на инфлација беше во рамкиите на онаа во еврозоната со која е врзан денарот. Разликата ќе се испегла ако земјава се врати на ниска инфлација на ниво како таа во еврозоната”, сметс Славески.

Собранието синоќа Трајко Славески го именуваше за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. За Славески 68 пратеници гласаа „за“, а 16 беа против.