Јован Деспотовски, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони денеска го потпиша договорот за државна помош со турската компанија Пурпласт за првата фаза од инвестицијата вредна 5,1 милиони евра.
Турската Пурпласт во фабриката во зоната ТИРЗ Скопје 2 ќе произведува делови за автомобилска индустрија, како и производство и монтажа на делови за автобусите кои белгиската Ван Хол ги произведува во зоната ТИРЗ Скопје 1.
Изградбата на фабриката која ќе се простира на 12 илјади метри квадратни е веќе во завршна фаза, а очекувањата се да се почне со пробно производство во јули 2021 година. Проектираните приходи на компанијата во земјата се планираат да достигнат 3 милиони евра до 2028 година.
Според директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски вкупната инвестиција на турската Пурпласт во следните пет години се очекува да достигне околу 12 милиони евра.
“Согласно потпишаниот договори, компанијата Пурпласт покрај земјиштето по субвенционирана цена, добива државна помош до 2,5 милиони евра или 50% од инвестицијата во првата фаза, од кои 10% или 500 илјади евра од инвестицијата во опрема и зграда се во готовина, а околу 2 милиони евра се даночни и царински ослободувања”, информираше директорт Деспотовски, според кого за период од помалку од 10 години откако компанијата ќе излезе од шемата на државна помош, може државата да очекува поврат на направената инвестиција.
Ова е втора инвестиција годинава со која Дирекцијата за ТИРЗ потпишува договор за дравна помош, по инвестицијата од 5 милиони евра на германската Ипротекст, исто во производство на автомобилски делови.
Според Деспотовски, турската компанија Пурпласт планира од 2022 година да изгради и технички центар за истражување и развој во земјава.
Во првата фаза се планира отварање на 40 работни места, а долгорочно со целата инвестиција се планира да се отворат над 200 работни места. При тоа се планира 90% од вработените да бидат со средна стручна подготовка, а 10% со високо образование со почетни плати од над 20 илјади денари до 75 илјади денари.
Извршниот директор на групацијата Пурпласт, Мехмед Шишманоглу, осврнувајќи се на ковид кризата кажа дека оваа година донесе промена која никој од нас не ја очекуваше, додавајќи дополнително ниво на предизвик за реализација на инвестицијата.
„Со целосна интеграција во постпандемиската „нова нормала“, компаниите како Пурпласт кои продолжуваат да напредуваат ќе закрепнат побрзо и ќе земат поголем удел од пазарот со нова производна линија и слободен капацитет. Со нашата силна мотивација и верба во оваа инвестиција, ќе можеме да ја започнеме работата пред крајот на мај годинава и се надеваме дека ќе се сретнеме лично за време на нашата официјална церемонија на отворање летово“, нагласи Шишманоглу.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање на настанот ја поздрави одлуката на компанијата, која и покрај актуелната ситуација, одлучи да продолжи со реализација на својот проект, со што ја покажа довербата во економските политики на Владата на Република Северна Македонија и за позитивната деловна клима за инвестирање во земјата.
„Сакам да ја поздравам ажурноста на менаџментот на Пурпласт, кои досега веќе ја надминаа минималната сума на инвестиции предвидена во деловниот план, а која изнесуваше 4 милиони евра и инвестираа досега 5,1 милион евра во фабриката во Бунарџик, а за почеток се планира вработување на 40-50 лица. Се надевам декам ќе се остварат сите услови и дека развојните планови ќе продолжат, а тие предвидуваат инвестиции до 12 милиони евра и вкупно 215 работни места“, посочи Битиќи.