Холандски Shell oткри големо наоѓалиште на нафта и гас во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека се надева дека наскоро ќе може да излезе во јавноста со повеќе детали за многу важното откритие на гас и нафта во Албанија, што „ќе влијае на иднината на земјата и на енергетската иднина на Европа“.

„Се надеваме дека наскоро ќе можеме да споделиме со нашата јавност, регионално и пошироко, едно многу важно откритие што го направи холандската компанија „Shell“ во нашата земја. Во моментов не сакаат да зборуваат за бројки. Знаците покажуваат дека можеби сме блиску до многу важно откритие на гас и нафта под земја, што ќе влијае на иднината на нашата земја, но и ќе има улога во енергетската иднина на Европа“, рече Рама, објавува албанскиот портал Exit.al.

Рама ова го соопшти во разговор со холандски бизнисмени кои моментално работат во Албанија, како и со потенцијални нови инвеститори заинтересирани да го прошират својот бизнис во оваа земја.

Од 2018 година, Shell прави географско истражување во две области на јужна Албанија: Блок 2, кој се наоѓа во близина на Берат, и блок 4, кој опфаќа делови од селата и делови од реката Вјоса.

Истражувањето предизвика загриженост кај локалните жители и еколозите, што ги натера претставниците на Шел да објави изјава во која велат дека нема да вршат дупчење за нафта и гас во реката Вјоса, без оглед на резултатите од нивното сегашно истражување.

Албанската влада во средината на јуни годинава потпиша меморандум за разбирање со меѓународната компанија Патагонија за развој на Националниот парк Вјоса, првиот див речен парк во Европа, бидејќи премиерот Еди Рама вети дека секоја економска активност што ќе влијае на реката ќе биде забранета.

Реката Вјоса, последната дива река во Европа, која тече во должина од 192 километри низ Албанија, моментално е центар на меѓународната кампања за нејзино означување како Национален парк, со цел да се заштити од хидроцентрали и истражување на нафта.