Во мај, Германија забележа месечен трговски дефицит за прв пат од 1991 година поради високата инфлација и прекините во синџирите на снабдување што ја оптоваруваат индустријата на најголемата европска економија.

Податоците на Федералниот завод за статистика Дестатис покажуваат дека зголемувањето на вредноста на увозот и падот на извозот ја турнаа најголемата европска економија во трговски дефицит од една милијарда евра во мај, пренесува Блумберг, додавајќи дека тоа е првиот месечен дефицит во оваа земја од обединувањето на Германија пред три децении.

Во мај извозот е намален за 0,5 отсто во однос на претходниот месец, на 125,8 милијарди евра, додека увозот е зголемен за 2,7 %, на 126,7 милијарди евра, што ги надмина очекувањата на економистите.

Споредено со истиот месец во 2021 година, извозот е зголемен за речиси 12%, додека вредноста на увозот скокнал за речиси 30%.

Германската производствена индустрија се соочува со прекини во глобалниот синџир на снабдување предизвикани од пандемијата и мерките за карантини во Кина за да се спречи ширењето на вирусот.

Зголемувањето на цените на енергијата и слабеењето на побарувачката за стоки, исто така, влијаат на производствената активност.