Кристалина Георгиева, шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) присуствува на дводневната меѓународна конференција „Растот и отпорноста во Централна, Источна и Југоисточна Европа во пофрагментиран свет“, која се одржува денеска и утре во Дубровник во заедничка организација на Хрватската народна банка  и ММФ.

Во видео порака Георгиева кажа три важни пораки за носителите на политиките од регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа:

Порака број 1: Во свет со повеќе неизвесности, вашата најдобра одбрана е макроекономска и финансиска стабилност. Заштитете ги.

Порака број 2: Светот се менува многу брзо. Не можете да седите мирни. Мора да продолжите со реформите. Имаме студија која покажува дека домашните реформи можат да го зголемат БДП во регионот за 7%. Ќе ве стави на посилна основа во овој брзо менувачки свет.

Порака број 3: Интеграцијата во ЕУ им служеше добро на сите наши луѓе. Продолжете ја. Единствен пазар кој е силен и динамичен може да направи многу повеќе за Европа. Унијата на капитални пазари може да ги направи заштедите на нашите луѓе да работат за нас.

На конференцијата присуствуваат водечки претставници на меѓународни институции, централни банки, влади, академски кругови и бизнис сектор, кои ќе дискутираат за предизвиците и можностите за земјите од регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа во контекст на глобалната економска и политичка фрагментација, потребата од зајакнување на отпорноста на макроекономските политики, улогата на земјите на единствениот европски пазар и приоритетите на структурните реформи.
Во текот на двата дена од конференцијата, се одржуваат експертски панели и тркалезни маси за да се дискутира важноста на продолжувањето на реформите, зајакнувањето на фискалниот простор, прилагодувањето кон новите глобални реалности и инвестирањето во иновации и образование како клучни предуслови за одржлив раст и отпорност на регионот.