Десет македонски производители и извозници на овошје и зеленчук изложуваат на саемот FRUIT LOGISTICA кој се одржува од 7 до 9 февруари во Берлин.
Баџо, Виториа Фруит, Вардар Градско, Флора Фреш, Атон Фруитс, Туран, Дојрана Фреш, Ксенос, Фреш лајн и Хортена се македонските компании кои се присутни на годинешното издание на FRUIT LOGISTICA, кој важи за најголем и најзначаен саем за свежо овошје и зеленчук во светот и на кој компаниите имаат можност да се претстават пред голем број потенцијални купувачи, претставници на ланци на супермаркети од ЕУ и светот, како и увозници и дистрибутери за свежо овошје и зеленчук.
Годинава саемот FRUIT LOGISTICA се очекува купувачи и посетители од 140 земји, а на него се присутни над 2.770 изложувачи од 94 земји.
Компаниите кои се дел од здружението “МAКФРЕШ” изложуваат на националниот штанд поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Основањето на здружението „МАКФРЕШ” e поддржано од проектот Increasing Market Employability – IME, кој има долгогодишна континуирана соработка со компаниите извозници на свежо овошје и зеленчук во насока на подобрување на продуктивноста и квалитетот на производите, исполнување на стандардите за извоз, како и остварување контакти со водечки дистрибутери и ланци на супермаркети на европските пазари.