Европа регистрираше најмал број на нови патнички автомобили во месец јуни оваа година од 1996 година при што некои производители на автомобили забележаа пад на продажбата за речиси 50%, покажаа денеска објавените податоци од европската автомобилска асоцијација ACEA.
Во ЕУ продажбата на нови автомобили во јуни паднаа за 15% во споредба со јуни минатата година, на 886.510 продадени автомобили. Ова претставува најмала продажба во јуни во последните 26 години, односно од 1996 година, соопшти ACEA.
Сите четири главни пазари на Европската унија – Шпанија, Италија, Германија и Франција – пријавија пад на регистрациите на автомобили.
Продажбите во Германија се намалени за 18%, додека во Италија се намалени за 15%, а во Франција за 14%. Шпанија објави поскромно намалување од 7,8%, соопшти ACEA.
Досега оваа година, регистрациите на нови автомобили паднаа за 14% на 4,6 милиони возила, во споредба со првите шест месеци од 2021 година.
Групацијата Volkswagen беше најтешко погодениот голем производител на автомобили со 26,1% помала продажба од минатиот јуни. Продажбата на Volkswagen во првите шест месеци од годинава, пак, бележи пад од 22,1%.
Во текот на првата половина година, сепак, Stellantis забележа најголем пад досега од 21,1%.
Помеѓу помалите брендови, новите регистрации на Volvo паднаа за 47,9% во јуни и 28,5% во првата половина од годината, додека Jaguar Land Group забележа помал пад во јуни од 13,2%, но најстрмниот пад оваа година досега на 34,7%.
Единствено Mercedes Benz бележи раст на продажбата од 4,2% во јуни во споредба со ланскиот јуни.
Инфлацијата, тесните грла во синџирот на снабдување, зголемените случаи на коронавирус во некои земји и тековниот недостиг на чипови се само неколку од проблемите што ја мачат автомобилската индустрија во регионот, која регистрира пад на продажбата 12 месеци по ред.
Речиси половина од македонскиот извоз е врзан за европската автомобилска индустрија бидејќи индустријата за автомобилски делови во земјава во која работат близу 25 илјади лица, целото производство го извезува во Германија и останатите европски држави.
Извор: ACEA