Министерство за економија на Германија разгледува низа мерки за да го направи бизнисот со Кина помалку атрактивен во обид да ја намали нејзината зависност од економската суперсила на Азија, објавува Ројтерс.
Мерките би можеле да вклучат намалување или дури и укинување на гаранциите за инвестиции и извоз за Кина и стопирање на поддршката за промовирање на саеми и обука на менаџери во Кина. Заемите од државниот заемодавач KfW би можеле да се пренасочат кон проекти во други азиски земји, како што е Индонезија, во согласност со обидите за диверзификација на трговијата и зголемување на бизнисот со демократиите.
Министерството, исто така, размислува да ги провери не само кинеските инвестиции во Германија, туку и германските инвестиции во Кина, пишува Ројтерс.
Покрај тоа, германската влада размислува да поднесе жалба до Светската трговска организација (СТО) за она што го смета за нефер кинески трговски практики, заедно со групата седум богати демократии Г7.
Портпаролот на Министерството за економија одбил да ги коментира овие конкретни мерки, но изјавил дека Министерството ги проверува целните мерки „за поддршка на диверзификацијата (на трговијата и синџирите на снабдување) и зајакнувањето на отпорноста“.
Министерството за економија на Германија веќе одлучи да не дава гаранции за инвестиции за проекти во регионот Ксинџијанг или на компании со деловни односи таму заради загриженоста за кршењето на човековите права таму и недостатокот на веродостојни информации.
Плановите означуваат отстапување од политиката на Берлин за време на поранешната канцеларка Ангела Меркел, која со себе носеше огромни деловни делегации на нејзините чести патувања во Кина и го надгледуваше бумот на кинеско-германските економски врски.
Кина е најголемиот трговски партнер на Германија
Кина стана главен трговски партнер на Германија во 2016 година, со обем на трговија од над 245 милијарди евра минатата година, што помогна да се поттикне растот на најголемата европска економија, водена од извозот.
Германските производители на автомобили се особено силно изложени на кинескиот пазар, при што Volkswagen остварува околу половина од својот профит во Кина. Германија и Европа, исто така, се потпираат на Кина за одредени суровини, како што се ретките метали.
Во последниве нелколку години, германските политичари и деловни лидери се повеќе се залагаат за поголема диверзификација во трговијата со Азија, како одговор на заострувањето на контролата на Пекинг врз општеството и економијата под претседателот Кси Џинпинг.
Непосредно пред да ја напушти функцијата минатата година, Меркел за Ројтерс изјави дека можеби на почетокот била наивна во некои области на соработка со Кина.
НОВА КИНА СТРАТЕГИЈА
Новата германска влада се согласи на построга линија кон Кина во својот коалициски договор, ветувајќи дека ќе ги намали стратешките зависности од својот „системски ривал“ и за првпат спомнувајќи ги прашањата чувствителни за Пекинг, како што се Тајван и Хонг Конг.
Ројтерс повикувајќи се на информирани извори пишува дека Берлин работи на стратегија за национална безбедност, која ќе вклучува и конкретна стратегија за Кина, што се планира да се објави следната година.
„Не можеме да си дозволиме само да се однесуваме по мотото „бизнисот прво“, без да ги земеме предвид долгорочните ризици и зависности“, рече министерката за надворешни работи Аналена Баербок на годишниот конгрес на амбасадорите оваа недела.
„Во реалноста никогаш не добивме евтин гас од Русија“, рече таа. „Плативме двојно или три пати повеќе за секој кубен метар руски гас во нашата национална безбедност.
Премиерот Шолц предупреди на негативните последици од какво било „одвојување“ од Кина и изрази уверување дека компаниите веќе се диверзифицираат.
Компаниите и корпоративните асоцијации сè повеќе ја објавуваат својата загриженост за построгата кинеска политика, повикувајќи на помош за диверзификација на трговијата наместо конфронтирачки чекори со толку важен пазар.
„Не можеме да ја изолираме Кина“, рече Хилдегард Мулер, шеф на германското здружение за автомобили VDA, за порталот Table Media. „Тоа би било наивно – и фатално, и политички и економски”.
Кина повикува на рационален однос на Германија
По извештаите дека Германија се обидува да го намали бизнисот со Кина, Пекинг во петокот го повика Берлин да усвои „рационална и практична политика“ за „да помогне во изградбата на отворена светска економија, наместо да си пука во нога“.
„Се надеваме дека Германија ќе усвои рационална и практична политика кон Кина и ќе поддржи поголемо двонасочно отворање за да внесе позитивна енергија во заемно корисната соработка меѓу двете земји на високо ниво“, рече Мао Нинг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
На прашањеto дека Германија „разгледува начини да го направи бизнисот со Кина помалку атрактивен во обид да ја намали зависноста“ од економската моќ во Азија, таа вели:
„Ако она што беше објавено е точно, тогаш морам да кажам дека мерките што треба да ги преземе Германија се едноставно нелогични и немаат смисла“, рече Мао.
Мао рече дека во изминатите 50 години Кина и Германија „ја унапредиле економската и трговската соработка во согласност со принципот на взаемна корист“.
„Билатералната трговија и инвестиции продолжија да растат во првите седум месеци оваа година. Ваквите блиски економски врски се формираа како резултат и на законот на пазарот и на изборот на бизнисите. Тие, исто така, ја олицетворуваат економската глобализација“, додаде Мао.
И покрај промените во меѓународниот пејзаж, рече Мао, Кина „нема да ја промени својата решеност да продолжи со отворање на високо ниво, да ги сподели можностите за развој со светот и да придонесе за економска глобализација која е поотворена, инклузивна, избалансирана и покорисна за сите.”
„Исто така верувам дека Кина ќе стане уште поатрактивен пазар за странски инвестиции“, рече таа.