Извозот на безалкохолни пијалоци од Македонија достигна рекордни 39,2 милиони евра во 2024 година, што претставува зголемување од 9% во однос на претходната година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Вредноста на извозот на безалкохолни пијалоци (HS код 2202) во последната деценија расте континуирано. Во 2017 година од Македонија биле извезени пијалоци во вредност од само околу 7 милиони евра, додека за седум години извозот се зголемил 5,5 пати.

Овие бројки потврдуваат дека производителите на безалкохолни пијалоци се наметнуваат како сè поважен сегмент во извозната структура на прехранбената индустрија на земјата.

Покриеноста на увозот се зголеми на 75%

Иако растел и увозот на безалкохолни пијалоци, неговото темпо е поспоро од извозот.
Во 2024 година увозот изнесувал 52,3 милиони евра, наспроти 20 милиони евра во 2017 година, што претставува зголемување за околу 2,5 пати.

Покриеноста на увозот на безалкохолни пијалоци со извозот — еден од клучните показатели за конкурентност — е значително подобрена:

  • Во 2017 година изнесувала само 35%,
  • Во 2024 година достигнала 75%, што укажува на експанзија на македонските производители и поголемо задоволување на домашната потрошувачка на сокови.

Главни извозни пазари

Анализата на извозот на безалкохолни пијалоци по пазари, покажува дека земјите од регионот и земјите од Европската унија се најголеми извозни пазари.
Најголем пазар за македонските безалкохолни пијалоци во 2024 година бил Косово, со извоз вреден 20,6 милиони евра во 2024 година.

Следат:

  • Албанија – 3,2 милиони евра
  • Босна и Херцеговина – 1,95 милиони евра
  • Ирак – 1,5 милиони евра
  • Франција – 1,4 милиони евра
  • Бугарија – 1 милион евра
  • Швајцарија – 916 илјади евра
  • Србија – 915 илјади евра
  • САД – 782 илјади евра
  • Романија – 512 илјади евра

Потенцијалите се многу поголеми

Континуираниот раст на извозот на безалкохолни пијалоци од земјава покажува дека македонските производители успешно се позиционираат со своите производи на регионалните и европските пазари.

Промените во потрошувачките навики и премин кон “здрави” избори исто така нудат можност за раст, особено трендовите на намалена потрошувачка на газирани сокови, особено растечката побарувачка за функционални пијалоци и пијалоци без шеќерни производи.

Комбинацијата од модерна технологија, подобрен квалитет и конкурентни цени создава реален потенцијал за понатамошно проширување на пазарите, особено во земјите на ЕУ и Блискиот Исток.