Home Вести Даути: Време е земјите од Западен Балкан да го третираат регионот како...

Даути: Време е земјите од Западен Балкан да го третираат регионот како заеднички и единствен пазар




.
.

.
Во време на постојани економски турбуленции, прекинати синџири на снабдување и потреба од брза адаптација, сигурните логистички и дистрибутивни партнери стануваат клучен фактор за конкурентноста на извозно ориентираните компании. „Даути Комерц“, компанија со повеќедецениско искуство и докажана лидерска позиција во областа на дистрибуцијата, логистиката и транспортот, претставува пример за тоа како стабилноста, професионалноста и навремената испорака создаваат доверба – и дома, и надвор од границите.
Џемаил Даути во интервју за едицијата „ТОП 100 Извозници“ зборува за предизвиците со кои се соочуваше компанијата во изминатите години на глобална економска неизвесност, за искуствата за транспорти и водење бизнис во регионот, како и за визијата за поефикасни гранични процедури и регионална интеграција на Западен Балкан.
Неговиот пристап, базиран на анализа и долгорочна стратегија, ја позиционира „Даути Комерц“ меѓу најдоверливите партнери за извоз и увоз во регионот.

За да се биде успешен и конкурентен на извозните пазари, од клучна важност е да се има сигурен партнер во логистиката, дистрибуцијата и транспортот. „Даути Комерц“ се наметнува како лидер во овие сегменти – не само во земјава, туку и во регионот и пошироко. Што, според Вас, го прави „Даути Комерц“ доверлив и ефикасен партнер за извоз и трговија на регионално и глобално ниво?

Даути: Најпрвин морам да напоменам дека „Даути Комерц“ А.Д. е лидер на македонскиот пазар кога станува збор за дистрибуција. На домашниот пазар оваа дејност ја вршиме самостојно, со сопствена инфраструктура од над 500 транспортни возила со носивост од 5 до 24 тони.

Кога станува збор за извозните пазари, постапката е поинаква. Производите што ги извезуваме до крајните купувачи надвор од државата – најчесто со потекло од домашни и регионални производители – се складираат во нашиот логистички центар. Потоа, откако ќе се спроведат сите потребни проверки, постапки за декларирање и ќе се обезбеди соодветна документација, организираме навремена испорака до крајниот купувач.

Изминатата година беше исполнета со економска неизвесност, висока инфлација и прекини во синџирите на снабдување. Како овие фактори се одразија врз работењето на Даути Комерц и кои мерки ги преземавте за нивно полесно надминување?

Даути: Би рекол дека во последните пет години сме сведоци на континуирани прекини во синџирите на снабдување – без разлика дали станува збор за застои во производството поради ценовни шокови кај дел од суровините, проблеми со транспортот или инфлаторни движења. Ние ги прифативме сите тие промени, ги анализиравме студиозно и одговорно, и соодветно се справувавме со нив.

Сите промени што се случуваа на глобално ниво за време на пандемијата, секако оставија трага и врз домашното стопанство. Имајќи предвид дека „Даути Комерц“ е и увозно и извозно ориентирана компанија, во периодот на Ковид-19 најмногу го почувствувавме застојот во организацијата на континенталниот и прекуморскиот транспорт.

Дополнително, бидејќи се јавуваме како увозник, но и како дистрибутер на производи од домашни производители, особено влијание имаа и прекините во синџирите на снабдување кај компаниите во нашата земја и во регионот. Голем дел од нашите добавувачи не беа во можност да одговорат на нашите потреби за роба, токму поради застојот кој беше предизвикан од различни фактори ( недостаток на работна сила, инфлаторни движења, недостаток на транспорт итн)

“Даути Комерц” ги надмина овие предизвици многу студиозно и одговорно, благодарение на тоа што детално ги следиме процесите за набавка и продажба и нивната реализација – како едни од најважните во работењето на компанијата .

Затоа и природно ги прифативме промените кои се случија за време на Ковид-кризата, и можам со сигурноста да кажам дека немавме период во кој останавме out of stock или без залихи за производите кои ги дистрибуираме.

Како компанија со долгогодишно искуство, најдобро можете да ги опишете проблемите и предизвиците со кои се соочуваат извозниците и увозниците на граничните премини. Кои се вашите предлози за подобрување на граничните процедури со цел да се обезбеди побрз проток на стоки?

Даути: Во досегашното работење и развок на нашата компанија, сведок сум на многу иницијативи, предлози и препораки кои беа од суштинско значење за подобрување на граничните процедури. Ако се навратиме наназад,  по 90 -тите години, беа покренати повеќе од 70 иницијативи за билатерална и мултилатерална соработка, со цел да се создадат модалитети за олеснето движење на стоки меѓу земјите од Западен Балкан.
Од сите активни иницијативи, најконкретен одговор и делумно спроведување на решенија даде Договорот ЦЕФТА во 2006 година, кој ги олесни можностите за слободно движење на трговската стока, капитал, идеи и работната сила, врз основа на веќе воспоставената матрица на билатерални и мултилатерални договори.
Дополнителен импулс даде и Берлинскиот процес, започнат во 2014 година, кој претставуваше обид за убрзана регионална интеграција. Сепак, поддршката од Германија, преку ЕУ се одвиваше бавно. Токму затоа, иницијативата “Отворен Балкан” произлезе како логичен одговор – да не речам револт – на бавното спроведување на претходните иницијативи, кои се неопходни на бизнис зедницата за забрзан економски раст  и подобра регионална поврзаност.

Нашите предлози се јасни:

Државите од Западен Балкан треба да спроведат унификација на царинските и даночните стапки, акцизите и сите останати фискални давачки. Потребно е да се укинат тарифните и нетарифните бариери за увоз, како што се контингенти, прелевмани, бандероли и други ограничувања, кои суштински ја отежнуваат конкуренцијата и ја зголемуваат крајната цена на производите.  Значајно олеснување би било и меѓусебното признавањето на анализите и сертификатите за квалитет кои ги издаваат земјите извозници. Двојните мострирања и двојните анализи го одолговлекуваат роцесот на увоз и ги зголемуваат трошоците, што директно влијае врз формирање на увозната цена на производите .

Со еден збор, земјите од Западен Балкан треба сите производи од регионот да ги третираат како домашни производи.

Како компанија и како бизнисмен активно се залагате за поголема регионална економска интеграција. Каде ги гледате најголемите можности за развој и каква улога треба да одиграат приватниот сектор и државните институции? Како може да се унапреди соработката со земји како Албанија и Косово, кои се важни и растечки пазари?

Даути:  За да се унапреди регионалната интеграција, многу е важно надворешните пазари да го добијат трерманот на домашен пазар, документацијата која ја издаваат даночните институции во секоја од земјите да биде меѓусебно признаена, и да се обезеди слободно движење на работната сила и капиталот.

Имајќи го во предвид горенаведеното, треба да заклучиме дека економијата на Западен Балкан треба да се третира како една целина, па не е на одмет и да бидат отстранети сите царински процедури.

Пазарот на Албанија и Косово за нашата држава треба да бидат приоритетни , бидејќи се брзорастечки и треба да добијат еднаков третман со нашиот пазар. Тие се стратешки најблиски до нас како регионално, топографски, така и традиционално. Имаме скоро исти конзумни навики. Тоа се околности кои значајно ги забрзуваат процесите на понуда и побарувачка .

Сè на сè, тоа е пазар кој треба да има единствен и заеднички третман.

Даути Комерц” е една од компаниите кои поседуваат сертификат за Овластен eкономски oператор (OEA). Колку овој статус функционира во пракса? Дали зелените ленти навистина го олеснуваат трговскиот проток и дали се применуваат доследно на терен?

Даути:
Иако статусот Овластен економски оператор (ОЕА) е воведен со цел да обезбеди олеснување во трговскиот проток, зголемена доверба и побрзи и полесни царински процедури за компаниите кои исполнуваат високи стандарди на усогласеност, неговата примена во пракса во Република Северна Македонија е ограничена.

Компанијата “Даути Комерц”, како една од компаниите кои го поседуваат овој сертификат, укажува дека статусот ОЕА во моментов функционира само делумно. Главниот проблем e во тоа што нема институционална координација помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) и други органи поврзани со увозно-извозните постапки.

Што се однесува до концептот на „зелени ленти“ – мерка која треба да овозможи приоритетен и побрз проток на стоки на граничните премини – во пракса оваа олеснителна мерка не е функционална.
И покрај добиениот статус, компаниите не уживаат реални придобивки на терен, што ја доведува во прашање ефективноста на целиот систем.

Како резултат, статусот ОЕА во моментот претставува повеќе формално признание отколку реална олеснителна мерка, бидејќи предвидените бенефити не се применуваат доследно од страна на сите надлежни институции.

Реални придобивки се забележуваат единствено во рамките на Царинската управа, каде што компаниите уживаат поедноставени административни процедури, приоритетен третман при контроли и поконструктивна комуникација со службените лица.

Сепак, недостигот на институционална координација и меѓусекторска интеграција – особено со Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и инспекциските служби – ја ограничува целосната функционалност на системот.
За да се обезбеди вистинска вредност од статусот ОЕА, потребен е интегриран пристап на сите релевантни институции, кој ќе овозможи реално олеснување на трговскиот проток и ќе ја зајакне конкурентноста на домашните компании на меѓународните пазари.

За да се зајакне колективниот пристап , “Даути Комерц” се приклучи како еден од одновачите на Асоцијацијата на AЕО на Западен Балкан , чие седиште е во Белград .

Главната функција на оваа Асоцијација е да го олесни и унапреди регионалниот и меѓународниот промет на стоки преку признавање и усогласување на статусот на AЕО меѓу земјите на Западен Балкан.

Или накратко – нејзината улога е да овозможи создавање единствен регионален систем на доверливи компании, кои ќе имаат побрз царински третман, помалку контроли, побрз проток на стоки и поголема конкурентност на меѓународниот пазар.
Примарната улога на Асоцијацијата е да ги идентификува проблемите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите, и неодложно да лобира за соодветни решенија пред државните институции, преку аргументирани ставови и конкретни примери кои ќе помогнат во отстранувањето на пречките во трговскиот проток.

“Даути Кoмерц” има и сопствена транспортна компанија – “Даути Транспортшпед”,  која повеќе од 20 години им нуди поддршка на компаниите во Македoнија. Кои се најголемите логистички предизвици со кои се соочуваат македонските извозници при испорака кон ЕУ и Западен Балкан? Кои конкретни чекори би ги препорачале за подобра транспортна поврзаност и трговска интеграција?

Даути: “Даути Транспортшпед” е наша сестринска компанија, основана како одговор на потребите за поусовршени процеси за транспорт, увоз и шпедиција – најпрвин за нашите сопствени потреби, а потоа, со тек на време, прерасна во специјализирана компанија за друмски превоз на стоки, со голем број соработници и сопствени претставништва во Република Северна Македонија , Албанија и Хрватска.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме во тековното работење и при организацијата на транспортот е поврзан со ЦЕМТ дозволите. Со овој проблем се соочуваме години наназад. За разлика од државите во регионот, каде системот за издавање на ЦЕМТ дозволите функционира ефикасно, кај нас се соочуваме со постојан застој – дали околу бројот на дозволите кои се издаваат, дали времето на издавање на истите . Поради тоа, приморани сме да отвораме претставништва надвор од земјата, бидејќи, како што кажав, во сите останати држави, процесот на издавање е многу поедноставен.

За подобра транспортна поврзаност и трговска интеграција, неопходна е модернизација на постојните системи на работење. Тука ќе ги наведам постапките на извоз, за кои сметам дека е неопходно воведување на online систем за аплицирање и обезбедување на документација , наместо досегашното поднесување и чекање по институции за фитосанитарна документација .

На транспортната поврзаност , дополнително ќе имаат влијание и новововедените услови за идентификација на лица за влез во ЕУ, кои создаваат задржување на возачите и  дополнително го отежнува протокот на возила на граничните премини.

Даути Комерц е препознатлива компанија со силна поддршка на извозната ориентација.  Која е вашата визија за иднината на компанијата и кои се стратешките цели за проширување, модернизација и одржлив развој?

Даути: Нашиот главен фокус во иднина ќе биде извозот на роба кон ЕУ од домашни производители и од производители во регионот. Денес извезуваме во Србија, Босна, Хрватска, Словенија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Франција, Италија, Германија, САД и Австралија, а ги истражуваме и можностите за пласман во Турција и Блискиот Исток.

Согледавме дека богатата палета на производи за широка потрошувачка , зрелата соработка која со години ја негуваме со нашите добавувачи, како и целокупните комерцијални услови кои постојат на пазарот, се предуслови кои ни овозможуваат да размислуваме за проширување на извозот како продажен сегмент.


Дали и колку “Даути Комерц инвестира во дигитални решенија за следење, управување и оптимизација на транспортот?
Дали се соочувате со зголемени барања за декарбонизација и еколошки стандарди во транспортот?

Даути: Оптимизацијата на транспортот одамна е приоритет на нашата компанија . Логистиката, пред сè, е сериозна дејност – особено сега, во услови кога има огромни шокови во цените.

Токму затоа сме насочени кон изнаоѓање на најсоодветни решенија кои ќе го подобрат квалитетот на работењето . Имплементиравме сериозни софтверски решенија за следење на движењето на возилата и робата, користиме детални рут-планови за испорака во нашата земја и во регионот, а сè со цел за оптимизација на транспортот. Користиме најсофистицирани методи за усовршување на испораките преку вмрежување на предлозите кои ги нудат паметните апликации и потребите на нашите логистички центри .

“Даути Комерц” инвестициите во оптимизација на транспортот ги спроведува и преку тековно обновување на возниот парк . За исполнување на поставените еко-стандарди, нашата компанија воведува решенија години наназад, преку посебни методи од собирање на амбалажа, течен и комунален отпад, како и отпад од дрво.
Нашата компанија е сертифицирана за оваа дејност и поседува дозвола и лиценца за третман за отпад, како една од ретките компании во нашата држава.
Исто така, морам да напоменам дека нашата компанија воведува иницијативи за употреба на возила кои се еколошки проверени и одговараат на поставените стандарди. За таа цел, набавката на возила – особено во последните пет години – е исклучиво со проверени модели на возила кои ги исполнуваат еко- стандардите.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

“Даути Комерц” доби лиценца за извоз на производи од животинско потекло во ЕУ

ДАУТИ-ТРАНСПОРТШПЕД-20 години поддршка на македонските компании кои тргуваат со светот

Даути-Комерц гради голем и најсовремен Извозен центар во Сарај

error: Content is protected !!