Фармацевтската компанија Алкалоид го објави бизнис планот за 2026 година, со кој се предвидува раст на продажбите, добивката, извозот, инвестициите и вработувањата.
Најуспешната домашна компанија која работи веќе девет децении очекува уште една успешна година во која се планирани консолидирани продажби од 361 милион евра, годишен раст од 7%.
Најголем дел од продажбите се очекува да ги реализира сегментот Фармација, дури 91%, додека 9% од сегментот Хемија, козметика и билкарство.

Повеќе од две третини од продажбите во 2026 година или 66% ќе бидат од извоз, додека 34% од продажба на домашен пазар.
Со билансот на успех на компанијата за 2026 година се предвидува раст на EBITDA од 8% и раст од 7% на нето добивката во споредба со 2025 година.
Посветеноста на раст и развој Алкалоид е главниот двигател за континуираните инвестиции, кои во изминатите 20 години достигнаа над 250 милиони евра.
“Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање на најсовремено технолошки линиии за производство, при што се создадено услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Бизнис планот за 2026 година предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства”, велат од компанијата.
Во бизнис-планот, Алкалоид во 2026 година предвидува раст од најмалку 10 % на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.
Од компанијата велат дека изминатите неколку години како стратешки императив и приоритет го поставиле воведувањето на Environmental, Social and Governance (ESG-стандардите) за интеграција и за известување во компанијата.
“Одговорноста спрема животната средина и спрема заедницата се составен дел од секојдневието на секој еден вработен во АЛКАЛОИД, во сите земји каде што имаме воспоставено операции. Во иднина ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во АЛКАЛОИД со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет”, се вели во Бизнис планот за 2026 година.
Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2026 година Алкалоид планира околу 50 нови вработувања во АЛКАЛОИД АД Скопје и во друштвата во странство.
“Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции”, се вели во Бизнис планот на Алкалоид за 2026 година.
Во продолжение слушнете ге и главните пораки и обраќањето на Живко Мукаетов, генерален директор и пртседател на Управниот одбор на “Алкалоид”
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Алкалоид со извоз од 160,4 милиони евра, раст на продажбите од 7 %
Живко Мукаетов реизбран за член на Одборот на директори на Американската стопанска комора
ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ДОДЕЛИ 40 НОВИ СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕБНАТА 2025/2026




























