Подобрувањето на бизнис климата и поттикнувањето на нови странски инвестиции беа во фокусот на првата првата квартална работната средба за 2026 што се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија помеѓу претседателот на Владата, Христијан Мицковски заедно со неговиот економски тим, членовите на Советот на странски инвеститори и претседателот на Комората, Бранко Азески.
 
На почетокот на средбата, претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо го запозна премиерот со резултатите од годишната анкета Business and Investment Indicator 2025 кои се однесуваат на условите, предизвиците и идните очекувања на странските инвеститори во Македонија спроведена меѓу странските инвеститори, која наскоро ќе биде и јавно објавена.
Истовремено, преку анкетата инвеститорите понудија и предлози за унапредување на политиките и на бизнис климата во државата, што би било од корист и за постојните, но и за новите инвеститори.



Во рамки на разговорите беа отворени повеќе важни теми за инвестициската заеднница и беше поздравен напредокот за неколку прашања, како што се:

– изработка на новото Упатство за утврдување на оправдани инвестициски трошоци што ќе ја зголеми транспарентноста, предвидливоста и навремената исплата на државната помош
– започнати активности за нови измени на Закон за странци што ќе значи поедноставување и забрзување на постапките за регулирање на работата и престојот на странските државјани (најчесто менаџери, експерти или друг вид на интерни трансфери) кои работат или повремено се ангажирани кај компаниите- странски инвеститори во Македонија
– продолжување на хармонизацијата на царинските стапки со оние во ЕУ, односно целосно намалување (останатите 50%) на царинските стапки на 67 тарифни броеви почнувајќи од 1 јули 2026.
 
Компаниите укажаа на ризиците од примената на новото правило за евидентирање на влез во Шенген зоната и за ризиците од штрајкови и блокади на транспортерите, кои значат реални загуби за бизнисите, но и за економијата на државата воопшто.
 
Од страна на Владата повторија дека работат на институционално организирање на системот на афтеркер, со што ќе се задоволи потребата од поголема и поефикасна поддршка aftercare на странските инвеститори.

Советот укажа на најприоритетните прашања од интерес на компаниите на кои се очекува Владата да им даде приоритет во следниот период, во интерес на зголемување на задоволството и резултатите на постојните инвеститори, и нивно проширување и реинвестирање во иднина. Според анкетата, 55% од компаниите ќе продолжат да инвестираат во Македонија, што е зголемување од претходната година.
 
По средбата, премиерот Мицкоски истакна дека странските инвеститори се исклучително важни за Владата, исто како и домашните инвеститори, нагласувајќи дека економијата претставува еден од главните приоритети на Владата и клучен фактор за постигнување посилен и поконкурентен економски развој.