Владата на денешната седница го усвои Предлогот за измена на Законот за Царинска тарифа, со кој се предвидува дополнително намалување на царинските стапки и нивно целосно усогласување со стапките што се применуваат во Европската Унија за дел од стоките.
Со предложените измени се продолжува процесот на постепена хармонизација на домашната царинска политика со европските правила, а фокусот е ставен на суровини, репроматеријали и компоненти што ги користи домашната преработувачка индустрија.
Станува збор за продолжение на минатогодишните законски измени што стапија во сила на 1 јули 2025 година, кога царинските стапки за одредени производи беа намалени до 50 % од нивото на царините што важат во Европската Унија.
Од Владата очекуваат новите измени да придонесат за намалување на трошоците на домашните компании, зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните индустрии и поттикнување на инвестициите во производствени капацитети со повисока додадена вредност.
“Мерката директно ќе придонесе за поддршка на автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата, а се очекува позитивно влијание врз зголемувањето на извозот, девизниот прилив, инвестициите и бројот на вработувања. Со намалувањето на царинската стапка на овие 70 стоки се очекуваат значајни долгорочни ефекти врз економскиот раст, индустриското производство и извозната конкурентност на државата”, објаснуваат од Министерството за финансии.
Поддршка за извозно ориентираната индустрија
Според Владата, намалувањето на царините треба да овозможи поевтин увоз на суровини и компоненти што се користат во домашното производство, со што компаниите ќе можат полесно да ги намалат производствените трошоци и да ја подобрат својата ценовна конкурентност на странските пазари.
Економските аналитичари оценуваат дека ваквите мерки се особено важни за компаниите интегрирани во европските синџири на снабдување, каде ценовната конкурентност и брзината на производство играат клучна улога.
Дополнително, усогласувањето со царинските стапки на Европската Унија се смета и за важен чекор во процесот на економска интеграција и приближување кон европскиот пазар.
Измените на Законот се подготвени во консултација со Стопанската комора на Северна Македонија и претставуваат дел од економските политики насочени кон поддршка на домашната бизнис-заедница и јакнење на конкурентноста на преработувачката индустрија.
Со Предлог-законот се предвидува целосно усогласување на дел од царинските стапки со нивото на стапките што важат во Европската Унија, со што дополнително се унапредува усогласеноста со Царинската тарифа на ЕУ, имајќи ги предвид и правилата на Светската трговска организација.


























