Македонската винска индустрија добива нови можности за инвестиции и развој, откако со последните законски измени винариите добија пристап до финансиска поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Ова беше една од главните теми на работната средба што заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ја одржа со винарии-членки на Здружението „Вина од Македонија“ во М6 Едукативниот центар во Скопје.
Ристески пред претставниците на винската индустрија ги презентираше тековните активности на Министерството насочени кон подобрување на бизнис-климата и поддршка на домашните компании, при што посебен акцент беше ставен на винскиот сектор како една од стратешките извозни гранки во земјава.
“Препознавајќи го винарството како гранка која има стратешко економско значење за државата, деновиве во Собранието беа донесени измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои им овозможуваме на компаниите што произведуваат вино од грозје пристап до финансиските средства за инвестиции предвидени со законот. Дополнително, рокот за поднесување барања за финансиска поддршка е продолжен до 15 јуни 2026 година“, изјави Ристески.
Тој ги повика сите компании што ги исполнуваат условите да аплицираат за достапната институционална поддршка.
Винарството останува важна извозна гранка
На средбата се разговараше за состојбите во винскиот сектор, производството и извозот на македонските вина, како и за потребата од дополнителни инвестиции, модернизација и поголема меѓународна промоција.
Извршната директорка на Здружението „Вина од Македонија“ Елена Младеновска Јеленковиќ истакна дека Македонија има реална можност да се позиционира како винска земја со препознатлив глобален идентитет и сè поголемо присуство на меѓународните пазари, доколку се продолжи со трансформацијата на секторот и со доследната примена на современи светски стандарди и практики и дека е особено важно што сè повеќе се препознава значењето на воведувањето стандарди, системи за квалитет и заштитени географски ознаки, бидејќи токму тие создаваат додадена вредност, препознатливост и поголема конкурентност на македонските вина на глобалниот пазар. Но, ваквите процеси бараат јасно дефинирани критериуми, континуирани инвестиции и долгорочна поддршка на секторот.
“Имаме квалитет, автохтони сорти, одлични климатски услови и сè повеќе винарници кои инвестираат во вистинска насока. Во исто време, иднината на македонското лозарство и винарство ќе зависи и од забрзаната примена на современи технологии, прецизно лозарство, дигитализација, вештачка интелигенција и зелена трансформација, која веќе не е избор, туку предуслов за пристап до најзначајните пазари. Лозарството и винарството претставуваат стратешка гранка за државата и сектор кој учествува со повеќе од 50 милиони евра во извозот. Токму затоа, оваа законска измена претставува позитивен чекор и јасен сигнал дека државата ја препознава важноста на винската индустрија и потребата од поддршка на инвестициите и развојот на винарниците. За реализација на овие процеси неопходни се континуирани инвестиции и силна институционална поддршка, поради што особено го цениме разбирањето и поддршката што Владата и пратениците во Собранието ја покажаа со законските измени со кои винската индустрија дополнително се препознава како стратешки важен сектор” – додаде Младеновска Јеленковиќ.
Извозот на вино носи повеќе од 50 милиони евра годишно
Винската индустрија е една од најзначајните извозни гранки во Македонија и учествува со повеќе од 50 милиони евра во вкупниот извоз на државата.
Домашните винарии во последните години сè повеќе се насочуваат кон производство на вина со повисока додадена вредност, премиум сегмент и брендирани производи, со цел зголемување на конкурентноста на европските и светските пазари.
Од „Вина од Македонија“ оценуваат дека последните законски измени претставуваат позитивен сигнал за индустријата и потврда дека државата го препознава значењето на винскиот сектор за извозот, земјоделството и економскиот развој.
Здружението „Вина од Македонија“ ги обединува домашните винарници со цел заедничка промоција и јакнење на позицијата на македонското вино на домашните и меѓународните пазари. Организацијата активно работи на унапредување на квалитетот, извозот и препознатливоста на македонските вина, како и на промоција на Македонија како конкурентна винска дестинација.
Што опфаќа Законот за финансиска поддршка?
Законот за финансиска поддршка на инвестициите е закон со кој државата обезбедува директна финансиска помош за компании што инвестираат во проширување на производството, нова опрема, технологии, извоз, отворање работни места и зголемување на конкурентноста.
Поддршката може да опфати инвестиции во производствени капацитети, набавка на машини и опрема, технолошки развој и дигитализација, отворање нови работни места, зголемување на извозот, инвестиции во зелена трансформација и енергетска ефикасност.
Финансиската помош се доделува на компании што исполнуваат одредени критериуми поврзани со висината на инвестицијата, бројот на вработени, приходите и реализираните деловни активности.
Со последните законски измени, пристап до поддршката добија и компаниите што произведуваат вино од грозје, со што винската индустрија дополнително се препознава како стратешки важен сектор за економијата и извозот.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Глобалната потрошувачка на вино падна на најниско ниво во последните 70 години

























