Во првите четири месеци од годинава Македонија извезла 1.240 тони јагнешко месо во вкупна вредност од 12,3 милиони евра. Иако количинскиот извоз е намален за околу 30 тони во споредба со истиот период лани, остварените приходи од извозот се зголемени за 9 проценти, што укажува на повисоки извозни цени и подобра вредност на македонското јагнешко месо на странските пазари.
Податоците покажуваат дека македонското јагнешко месо годинава било пласирано на само шест странски пазари, при што најголем дел од извозот е насочен кон земјите од регионот и Европската Унија.

Најзначаен извозен пазар е Хрватска, каде во периодот јануари–април 2026 година биле извезени околу 440 тони јагнешко месо во вредност од 4,4 милиони евра. Со тоа, хрватскиот пазар учествува со повеќе од една третина во вкупниот извоз на овој производ.

Втор најголем пазар е Италија, каде извозот достигнал вредност од 3,6 милиони евра. Следува Бугарија со извоз вреден 3,4 милиони евра, што потврдува дека побарувачката за македонско јагнешко месо останува стабилна на традиционалните пазари.

Помали количини биле извезени и во соседните земји. Во Албанија е реализиран извоз во вредност од 620 илјади евра, во Грција 140 илјади евра, додека Србија останува најмал пазар со увоз на македонско јагнешко месо вреден само 75 илјади евра.

Најголем дел од извозот на јагнешко месо традиционално се реализира во периодот пред Велигден, кога побарувачката на европските пазари и регионото значително се зголемува, што придонесува и за повисоки извозни цени. Вкупниот извоз на јагнешко месо во текот на целата 2025 годна изнесувал околу 14 милиони евра.

 Најмал извоз во последната деценија

Во текот на 2025 година од Македонија биле извезени 1.670 тони јагнешко месо во вкупна вредност од 14,4 милиони евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е најнизок обем на извоз во последната деценија

Според статистичките податоци, пред десет години Македонија извезувала повеќе од 2.500 тони јагнешко месо годишно, што значи дека за една деценија извозот е намален за околу 34 %.


Намалувањето на извозните количини се поврзува со континуираниот пад на бројот на овци, намаленото домашно производство, растечките производствени трошоци и недостигот на работна сила во сточарството.

И покрај падот на количините, извозот на јагнешко месо и понатаму носи значајни девизни приходи за земјата. Повисоките цени на европските пазари во последните години делумно го компензираат намалениот обем на извоз, што овозможува приходите да останат на релативно високо ниво.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

Топ 30 извозни пазари за македонската храна: Кои пазари растат најбрзо?

Стануваме сè позависни од увоз на храна: Увезуваме двојно повеќе отколку што извезуваме