Македонија минатата година извезла прехранбени производи во вредност од 564 милиони евра, што претставува раст од 3,4% во споредба со претходната година. Во исто време, увозот на храна надминал 1,1 милијарда евра, со годишен раст од 6,1%, односно двојно побрзо од извозот.
Дефицитот во трговијата со храна достигна рекордни 564 милиони евра, а покриеноста на увозот со извозот изнесуваше само 50%. Во споредба со претпандемиската 2019 година, извозот на храна пораснал за 53%, додека увозот за 69%. Тогаш покриеноста била повисока – 55%.
Регионот останува клучен пазар
Анализата покажува дека македонската прехранбена индустрија и понатаму најмногу се потпира на регионалните пазари, додека постепено се зголемува присуството и на пазарите во Европската унија.
Македонската храна во 2025 година се извезувала на 176 странски пазари, но извоз над 10 милиони евра бил остварен само на 16 пазари. ИзвозМК ги анализира најголемите извозни пазари за македонската храна и извозот на овие пазари во периодот од 2019 до 2025 година. Анализата ги опфаќа 30-те најголеми пазари, кои заедно учествуваат со 545 милиони евра, односно 97% од вкупниот извоз на храна.

Србија, Косово, Хрватска и Босна и Херцеговина остануваат најголеми извозни дестинации за македонската храна. Меѓу водечките пазари се и Германија, Италија и Шведска.
Истовремено, се појавуваат и нови пазари со висок раст, како Молдавија, Словачка и Турција, што укажува на потенцијал за понатамошна диверзификација на извозот.
Најголем процентуален раст на извозот во 2025 година во споредба со 2024 година е забележан во:
- Молдавија (+46,6%)
- Турција (+35,6%)
- Унгарија (+32,4%)
- Словачка (+30,4%)
- Русија (+25,6%)
- Словенија (+23,5%)
Во споредба со 2019 година, најголем раст бележи Холандија (речиси десеткратно), а потоа следуваат Украина (+645%), Шведска (+298%), Словачка (+272%), Грција (+181%) и Унгарија (+139%).
Каква храна најмногу се извезува?
Најголем извозен потенцијал и понатаму имаат преработките од овошје и зеленчук, свежите земјоделски производи и кондиторската индустрија, кои носат најголем дел од девизниот прилив во секторот.
Податоците за структурата на извозот на храна во 2025 година покажуваат дека најголем дел или близу половина од вкупниот извоз на храна се прави со извоз на преработки од овошје и зеленчук, и свежо овошје и зеленчук, чиј извоз лани надмина 255 милиони евра. Следуваат извоз на жита и преработки на жита со извоз вреден 124 милиони евра, каде најголе дел отпаѓа на кондиторските производи. Извозот на млеко и млечни производ лани изнесувал 48,8 милиони евра, извозот на месо и месни преработки во вредност од 41,3 милион евра, извоз на кафе, чај и какао во вредност од 38 милиони евра и разни производи за исхрана со извоз од 33 милиони евра.
Најголем извозен пазар за македонските прехранбени производи во 2025 година е Србија, каде биле извезени производи вредни 94,5 милиони евра, што е за 8,3% повеќе во споредба со 2020 година. Во Србија лани најмногу се извезувале преработки од овошје и зеленчук (24,2 милиони евра), свежо овошје (17,7 милиони евра), свеж зеленчук (16,9 милиони евра), кондиторски производи (11,6 милиони евра) и жита (4,2 милони евра).
Извозот на храна во Србија бележи постојан раст во последните години, особено после пандемијата со Ковид 19.
Втор најголем извозен пазар за македонската индустрија за храна лани е Косово со извоз во вредност од 67,5%. Најизвезувани прехранбени производ во Косово во 2025 година биле кондиторските производи со вредност на извоз од 18,2 милиони евра. Следат млеко и млечни производи (6,7 милиони евра), преработки од овошје и зеленчук (5,8 милиони евра), свежо овошје (5,3 милиони евра), преработки од месо (4,5 милиони евра) и зеленчук (3,6 милиони евра).
Хрватска била трет најголем извозен пазар за македонската храна, со извоз од 46,2 милиони евра во 2025 година, пад од 2,1% во споредба со претходната 2024 година.
На хрватскиот пазар најмногу се продаваат преработки од зеленчук и овошје чиј извоз во 2025 година изнесувал 16,4 милиони евра. Потоа следат кондиторски производи со извоз од 10,4 милиони евра, свеж зеленчук (8,5 милиони евра), јагнешко месо (4,8 милиони евра), свежо овошје (1,7 милиони евра) и производи од какао (1,1 милион евра).
Во Босна и Херцеговина минатата 2025 година биле извезени прехранбени производи во вредност од 34,2 милиони евра, што ја прави четврт најголем извозен пазар за македонската прехранбена индустрија. На пазарот во БиХ најмногу се извезуваат месни преработки, а вредноста на извозот лани изнесувала 7,6 милиони евра. Потоа следат преработки од зеленчук и овошје со извоз во вредност од 7,4 милиони евра, кондиторски производи во вредност од 5,8 милиони евра, свеж зеленчук (3,3 милиони евра), овошје (3 милиони евра) и други разни производи за исхрана со извоз од 2,5 милиони евра.
Бугарија е петти најголем пазар каде најмногу се прадавала македонската храна, каде во 2025 година бил остварен извоз во вредност од 30,4 милиони евра. Статистиката покажува дека најизвезувана храна во Бугарија минатата година е зеленчукот со извоз вреден 7,3 милиони евра. Следат овошје, (најмногу јаболка), во вредност од 6,2 милиони евра, преработки од овошје и зеленчук (3,2 милиони евра) и млеко и млечни производи (2 милиони евра).
За подетални податоци за извоз на прехранбени производи по пазари, царински кодови и тарифи, обратете се на: contact@izvoz.mk.
Иако македонскиот извоз на храна продолжува да расте и домашните производи се присутни на сè поголем број странски пазари, податоците покажуваат дека увозот расте уште побрзо, а Македонија станува сè позависна од увоз на храна.
Брзиот раст на увозот, заедно со рекордниот трговски дефицит, отвора прашања за конкурентноста на домашното производство, продуктивноста и капацитетот на прехранбениот сектор да одговори на растечката домашна и странска побарувачка.
Експертите оценуваат дека за намалување на трговскиот дефицит ќе бидат потребни поголеми инвестиции во модернизација на прехранбената индустрија, зголемување на продуктивноста, подобрување на квалитетот и стандардите, како и посилна поддршка за извозно ориентираните компании.
Во услови на растечки глобални цени на храната и сè поголема конкуренција на странските пазари, за македонските компании ќе биде клучно да обезбедат поголема додадена вредност, подобро позиционирање на брендовите и пошироко присуство на нови пазари.
Фото: Magnific
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Кои се најголемите трендови во индустријата за храна и пијалоци за 2026 година?
Побарувачката за органска храна расте во Германија и покрај инфлацијата
Потрошувачката на замрзната храна во ЕУ се зголемува и се очекува брзо да расте во следните 10 години


























