И покрај засилените трговски тензии и неизвесноста на глобалните пазари, компаниите во 2025 година најавија повеќе од 1 трилион долари нови проекти за странски директни инвестиции (СДИ), покажуваат податоците на fDi Report na Financial Times.

Најголем интерес од инвеститорите предизвикал секторот на комуникациите, кој привлекол 346 милијарди долари капитални инвестиции. На второ место е обновливата енергија со 200 милијарди долари. Oвие два сектора заедно учествуваат со речиси половина од вкупните странски директни инвестиции во светот во текот на 2025 година.

Комуникациите забележале силен раст, со 88% повеќе инвестиции во споредба со претходната година, преку 812 нови инвестициски проекти. Од друга страна, обновливата енергија го загуби водството што го држеше шест последователни години (2019–2024), при што инвестициите се намалија за околу една четвртина – од 264 милијарди долари во 2024 година на 200 милијарди долари во 2025 година. Падот се поврзува со промените во индустриските и енергетските политики во САД и Европската Унија.

Рекордна година за полупроводниците

Полупроводниците се најдоа на третото место со 138 милијарди долари странски директни инвестиции – највисоко ниво досега за овој сектор и раст од повеќе од 10% во однос на 2024 година. Сепак, инвестициите остануваат силно концентрирани, при што Северна Америка и Азија-Пацификот привлекле дури 97,5% од вкупните инвестиции во оваа индустрија.

Недвижностите беа единствениот друг сектор кој привлече повеќе од 100 милијарди долари во 2025 година. Инвестициите достигнаа 112 милијарди долари, највисоко ниво од 2018 година, по пет последователни години раст.

Вкупниот износ на секторот во 2025 година беше приближно 15,7% повисок отколку во 2024 година.

Во меѓувреме, странските инвестиции во јаглен, нафта и гас се намалиле за 31,3% на 61 милијарда долари. Ова го означува вториот последователен годишен пад на секторот.

Транспортот и складирањето привлекле 58 милијарди долари.
На десетто место е автомобилскиот сектор, каде лани се слеале само 32 милијарди долари.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Во Македонија влегле 218 милиони евра странски инвестиции за три месеци, најмногу од Велика Британија

Странските инвеститори предложија решенија за проблемите кои ја кочат Македонија да стане поконкурентна и да привлече повеќе инвестиции

55% од странските инвеститори ќе продолжат да инвестираат во Македонија