Царини, субвенции и забрани за извоз: Глобалната трговија е под притисок. Според пресметките на СТО, ова би можело да чини билиони долари – организацијата повикува на воведување нови правила.

Светската трговска организација (СТО) предупредува на загуби во вредност од билиони долари доколку светот се подели на геополитички блокови на моќ кои тргуваат главно меѓусебно или само во рамките на одделни зони за слободна трговија.

Во таков случај, реалниот бруто-домашен производ од 2050 година па натаму постојано би бил за околу 10% помал отколку во сценариото во кое се проширува трговската соработка, се наведува во студијата на СТО насловена „Клучен момент за глобалниот трговски систем“.

Според симулацијата на СТО, се предвидува дека годишниот извоз од 2050 година па натаму ќе биде за речиси 45%поголем во сценариото на „засилена соработка“ отколку во сценариото каде што царините се одржуваат ниски само во рамките на одредени зони за слободна трговија.
Засилена соработка“ подразбира проширување на правила слични на оние во СТО, при што сите земји меѓусебно ги намалуваат царините и трошоците за меѓународна трговија.

Глобалната трговска политика и СТО моментално се соочуваат со најсериозните и најдолготрајните превирања уште од основањето на мултилатералниот трговски систем пред 80 години“, се наведува во извештајот.
Сè поголемата интеграција на глобалната економија создаде нови извори на конфликти и, во одредени случаи, ги отежна преговорите за слободна трговија.
СТО е основана во 1995 година; нејзин претходник беше Општиот договор за царини и трговија (GATT) од 1947 година.

Иако 72 % од глобалната трговија со стоки сè уште се одвива според правилата на СТО за слободна трговија – конкретно според принципот на „најпривилегирана нација“ (MFN), кој наложува земја-членка што доделува трговски поволности на друга членка на СТО, истите тие поволности да ги прошири и на сите други членки (со ретки исклучоци) – оваа бројка пред две години изнесувала 80%, според главниот економист на СТО, Роберт Стајгер.

Потребни се нови правила

Стајгер смета дека се потребни нови правила. Правилата договорени при основањето на СТО во 1995 година треба да се ажурираат бидејќи светот драстично се променил. Многу земји се приклучија, вклучително и Кина во 2001 година.

„Станува збор за тоа како да се формулираат правила што ќе создадат успешна врска меѓу економии кои значително се разликуваат во многу погледи“, изјави Стајгер за dpa. „Некои се под силна државна контрола, додека други се повеќе пазарно ориентирани; некои спроведуваат поинтервенционистички политики, а други помалку; некои се високо развиени, а други помалку развиени.“

СТО со години се соочува со криза

Последната голема рунда мултилатерални преговори, рундата од Доха, беше започната во 2001 година. Сепак, таа не успеа. Нејзината цел беше подобро интегрирање на економиите во развој и економиите во подем во глобалната трговија.

Меѓу другото, многу земји што се натпреваруваат со Кина на светскиот пазар го критикуваат фактот дека таа земја сè уште го има статусот на „земја во развој“ и ги ужива поврзаните предности во рамките на СТО.

Подеднакво спорно е и прашањето како да се третира државната контрола врз многу компании во одредени земји. Ниту напорите за реформи на амбасадорите во Женева, ниту неодамнешните министерски состаноци не донесоа никаков напредок.