Утре, 27 октомври, во хотелот „Мериот“ во Скопје, ќе се одржи првото издание на Global Trade & Growth Forum 2026, во организација на SwissCham North Macedonia, со MSC како стратешки партнер.
Форумот ќе обедини претставници на домашната и меѓународната деловна заедница, инвеститори, извозници, носители на економски политики и експерти од различни области, со цел отворање дискусија за предизвиците и можностите што ги носат промените во глобалната трговија.
Во фокусот ќе бидат стратешките транспортни коридори, инфраструктурата и логистиката, извозната конкурентност, дигиталната трансформација и стратегиите за градење глобално препознатливи брендови.
Меѓународни говорници со искуство во глобалната трговија и брендирањето
Меѓу говорниците на Форумот се истакнати претставници на меѓународната деловна заедница, кои ќе споделат искуства и перспективи за развојот на глобалните пазари.
Фабрицио Фаринели од MSC Женева ќе ја претстави глобалната перспектива за трговската поврзаност и можностите што развојот на меѓународните транспортни и логистички мрежи ги отвора за локалните економии.
Јонас Шпан ќе сподели искуства од прехранбената индустрија, со посебен осврт на пристапот до швајцарскиот и европските пазари.
Меѓу меѓународните говорници е и Ларс Силбербауер, експерт за градење глобални брендови, со професионално искуство во компании како LEGO и Paramount. Неговото учество ќе отвори прашања за тоа како компаниите можат да ја зголемат својата меѓународна препознатливост и да изградат посилна позиција на конкурентните глобални пазари.
Како македонските компании да станат поконкурентни на глобалните пазари?
Една од централните дискусии на форумот ќе биде стратешкиот панел „Извозна конкурентност: од локално до глобално“, посветен на можностите и предизвиците за меѓународен раст на компаниите.
На панелот ќе учествуваат: Кристоф Гејтер, британски претприемач и коосновач на Quendo, Љупчо Велески, директор на меѓународна продажба во „Витаминка“ и Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Модератор на дискусијата ќе биде Горан Дамовски, тим-лидер на Програмата за пазарна вработливост (IME), финансирана од Швајцарија во Северна Македонија.
Преку искуствата на компаниите и говорниците, панелот ќе ги отвори прашањата за тоа што е потребно за македонските производи и услуги да станат поконкурентни на меѓународните пазари, како се градат успешни извозни стратегии и каква улога имаат логистиката, иновациите и брендирањето во освојувањето нови пазар.
Стратешките трговски коридори и иднината на логистиката во фокусот на форумот
Еден од централните панели на Global Trade & Growth Forum 2026 ќе биде посветен на темата „Стратешки трговски коридори и иднината на логистиката“, на кој ќе се дискутира за значењето на транспортната поврзаност, развојот на логистичката инфраструктура и улогата на ефикасните синџири на снабдување во зајакнувањето на конкурентноста на компаниите.
На панелот ќе учествуваат Стевица Чарапиќ, регионален директор на MSC Mediterranean Shipping Company за Србија, Црна Гора и Северна Македонија; Марија Дуковска-Павловска, генерален директор и член на Одборот на директори на „Макстил“; Биљана Дескоска, директорка на „Алајанс Уан Македонија“; и Мишо Веселински, претседател на Одборот на директори на „Фимар Балкан АД“.
Дискусијата ќе ги отвори прашањата за позицијата на Македонија во регионалните и глобалните трговски текови, потребата од модернизација на транспортните коридори и можностите за подобро поврзување на домашните производствени капацитети со меѓународните пазари.
Значајно место во програмата ќе имаат и претставници на домашната бизнис-заедница, кои ќе ги споделат своите искуства и согледувања за предизвиците со кои се соочуваат компаниите во услови на променлива меѓународна економска средина.
Меѓу нив се Марија Дуковска-Павловска, директорка на „Макстил“, Биљана Десковска, менаџер во „Алајанс Уан Македонија“, и Мишо Веселински, претседател на Бордот на директори на „Фимар Балкан“.
На форумот ќе се обрати и Александар Николоски, министер за транспорт, кој ќе ги претстави значајните инфраструктурни проекти и политики насочени кон подобрување на транспортната инфраструктура и регионалната поврзаност.
Со организирањето на Global Trade & Growth Forum, SwissCham North Macedonia има амбиција да воспостави регионална платформа што ќе ги поврзува деловните лидери, инвеститорите, извозниците и креаторите на економски политики.
Целта е поттикнување на трговијата, инвестициите, иновациите и регионалната поврзаност, врз принципите на швајцарските вредности – извонредност, одржливост, доверливост и долгорочни партнерства.
Покрај размената на знаења и искуства, една од најзначајните придобивки што се очекуваат од форумот е создавањето нови можности за деловно поврзување и меѓународно позиционирање на македонските компании.
окму поврзувањето на домашната бизнис-заедница со меѓународните компании, инвеститорите и глобалните деловни мрежи може да биде еден од најважните придонеси на првото издание на Global Trade & Growth Forum 2026.
ИЗВОЗ.МК е медиумски партнер на Global Trade & Growth Forum 2026 и ќе ги следи дискусиите, пренесувајќи ги клучните пораки, искуства и препораки, со посебен фокус на извозната конкурентност и можностите за раст на македонските компании на меѓународните пазари.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Стратешки панел на Global Trade & Growth Forum 2026: Како македонските компании да станат поконкурентни ?


























