Македонија има значителен потенцијал за зголемување на извозот и посилно позиционирање на глобалните пазари, но за негово искористување неопходни се модерна транспортна инфраструктура, ефикасна логистика, посилни меѓународни партнерства и подобра поврзаност со светските трговски текови. Ова беа клучните пораки од првиот Global Trade & Growth Forum 2026, кој вчера 27 октомври, се одржа во Скопје и на едно место собра над 200 претставници на домашната и меѓународната бизнис-заедница, извозните компании, државните институции и академската јавност.
Во време кога геополитичките тензии, трговските конфликти и преструктурирањето на глобалните синџири на снабдување отвораат нови предизвици, но и можности за малите економии, учесниците на форумот ја нагласија потребата Македонија подобро да ја искористи својата стратешка положба на важните европски транспортни коридори, да инвестира во логистичката поврзаност и да создаде услови за поголема конкурентност на домашните компании на меѓународните пазари.
Форумот е во организација на Швајцарската стопанска комора во Северна Македонија (SwissCham), со глобалната компанија за контејнерски транспорт MSC Mediterranean Shipping Company како стратешки партнер и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), со придонес на програмите IME, SIPPO и SwissEP.
Во услови на големи промени во глобалната трговија, геополитички и трговски конфликти кои ги редефинираат синџирите на снабдување, ефикасната логистика, сигурните деловни партнерства и пристапот до нови пазари стануваат сè поважни предуслови за конкурентноста на компаниите. Токми затоа и главната цел на овој форум е да придонесе за подобро поврзување на Македонија со меѓународните пазари и преку дијалог меѓу приватниот и јавниот сектор да поттикне нови партнерства, инвестиции и можности за економски раст.
Преку дискусии со претставници на домашни и меѓународни компании, институции и експерти, беа отворени важни прашања за промените во глобалните трговски текови, стратешките транспортни коридори, извозната конкурентност и можностите за македонските компании подобро да се позиционираат во светските пазари.
Сања Радовановиќ, MSC: Македонија има што да му понуди на светот
Во воведното обраќање, Сања Радовановиќ, директорка на MSC во Северна Македонија и потпретседателка на Швајцарската стопанска комора, ја истакна важноста на меѓународното поврзување и партнерствата како основа за отворање нови деловни можности.

Според неа, Македонија располага со претприемачки потенцијал, квалитетни производи и стратешка географска положба на важни европски транспортни коридори, но за посилен настап на глобалните пазари неопходни се поголема соработка и подобра поврзаност.
„Македонија има што да му понуди на светот. Дел од нашите производи веќе се добро препознатливи на меѓународните пазари, додека други се дел од глобалните производствени синџири и се вградени во производи што секојдневно ги користат милиони луѓе. Но, верувам дека можеме многу повеќе. Токму затоа го организираме овој форум – за да отвориме нови можности за трговија, инвестиции и економски раст и да разговараме како уште посилно да ја поврземе Македонија со светот. Бидејќи поврзувањето создава нови можности“, изјави Радовановиќ.
Таа нагласи дека иако Македонија е мала економија, нејзината географска положба, претприемачкиот дух и потенцијалот на домашните компании можат да бидат значајни предности во привлекувањето нови деловни партнери и инвеститори.
Стефановска: Глобалното пренасочување кон поблиски добавувачи отвора нови можности за македонските компании
Соња Стефановска, директорка на Швајцарската стопанска комора (SwissCham), истакна дека комората, основана пред неполна година, има амбиција да стане важен мост за поврзување на македонската и швајцарската деловна заедница.
„Нашата амбиција е Global Trade & Growth Forum да прерасне во платформа што ќе отвора конкретни можности за македонските компании – од подобра логистичка поврзаност до пристап до меѓународни пазари и нови деловни партнерства. Преку SwissCham сакаме да го приближиме швајцарското и меѓународното искуство до потребите на домашниот бизнис-сектор и да придонесеме за зајакнување на конкурентноста на македонската економија“, изјави Стефановска.
Според неа, искуството на Швајцарија покажува дека и малите земји можат успешно да се позиционираат на глобалниот пазар доколку имаат јасна развојна визија, стабилни институции и економија заснована на знаење, иновации, технологија и квалификувани кадри.
Таа оцени дека Македонија располага со значаен потенцијал, но дека домашните компании треба повеќе да соработуваат и да настапуваат заеднички на странските пазари.

„Во Македонија имаме квалитетен кадар, амбициозни компании и голем потенцијал, но мора да препознаеме што ни недостасува и да се фокусираме на надминување на тие слабости. Еден од клучните предизвици е недоволната поврзаност меѓу компаниите и отсуството на заеднички настап на странските пазари. Како земја, треба да ги препознаеме нашите конкурентски предности, да ги истакнеме и максимално да ги искористиме“, нагласи Стефановска.
Според нејзе, охрабрува тоа што бизнисите постепено почнуваат да ја препознаваат важноста на вмрежувањето и заедничкиот настап. “Ова е особено значајно во контекст на актуелните глобални економски и геополитички промени, кога компаниите сè повеќе се пренасочуваат од офшоринг кон ниaршоринг, односно бараат добавувачи и деловни партнери поблиску до своите производствени капацитети. Тоа отвора нови можности за македонските компании да се вклучат во регионалните и европските синџири на снабдување“, истакна Стефановска.
Швајцарскиот амбасадор Зомер: Конкурентноста сè повеќе зависи од поврзаноста и доверливите партнерства
На форумот се обрати и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер, кој се осврна на заедничките предности и предизвици на двете земји како мали и отворени економии.
Тој истакна дека земјите со ограничен домашен пазар мора да гледаат надвор од националните граници и да ја градат својата конкурентност преку меѓународна соработка, иновации и силни деловни врски.
„Во денешниот свет, конкурентноста сè повеќе зависи од поврзаноста меѓу производителите и потрошувачите, инвеститорите и претприемачите, како и меѓу локалните компании и меѓународните пазари. Токму затоа се важни форумите како овој. Тие создаваат можности за дијалог, партнерство и соработка“, изјави Зомер.

Според него, искуството на Швајцарија покажува дека долгорочниот економски успех се темели на неколку клучни столбови: висококвалитетни производи и услуги, развиена инфраструктура, квалификувана работна сила, силни институции, отвореност кон иновации и доверливи меѓународни партнерства. Овие фактори, нагласи амбасадорот, стануваат уште поважни во услови на брзи технолошки промени, геополитички превирања и преструктурирање на глобалните синџири на снабдување.
Тој порача дека Швајцарија ќе продолжи да го продлабочува економското партнерство со Северна Македонија и да поддржува иницијативи насочени кон зајакнување на конкурентноста, поттикнување на иновациите и проширување на пазарните можности за домашните компании.
Во знак на благодарност за придонесот и поддршката од Швајцарија, на амбасадорот Зомер му беше врачено посебно признание.
Фаринели, MSC: Со инвестиции С.Македонија може да се трансформира во важен логистички центар
Стратешката географска положба на Северна Македонија, на пресекот на европските транспортни коридори 8 и 10, претставува значајна можност земјата да се позиционира како регионален логистички центар и да ја зајакне својата поврзаност со глобалните пазари. Но, за искористување на овој потенцијал неопходни се континуирани инвестиции во транспортната инфраструктура и развој на ефикасни логистички решенија. Ова беше една од главните пораки на Фабрицио Фаринели, директор за регионални агенции во MSC Mediterranean Shipping Company, кој на Global Trade & Growth Forum 2026, преку презентацијата „Connecting North Macedonia to the World“ („Поврзување на Северна Македонија со светот“), се осврна на улогата на глобалната логистичка поврзаност во поттикнувањето на трговијата, извозната конкурентност и економскиот раст.

Претставувајќи го развојот и деловниот модел на MSC, Фаринели нагласи дека логистиката не е само транспорт на стоки, туку еден од клучните фактори што им овозможуваат на компаниите да пристапат до нови пазари, да станат дел од меѓународните синџири на снабдување и да ја зголемат својата конкурентност.
MSC, семејна компанија основана во 1970 година со само еден брод, денес е светски лидер во контејнерскиот поморски транспорт, со флота од над 1.000 бродови. На крајот на 2026 година компанијата ќе има капацитет за превоз на 30.000 TEU, што ја прави лидер на светскиот пазар на контејнерски превоз. MSC располага и со значајни инвестиции и сопственички удели во пристанишни терминали, како и со развиена мрежа за копнен и железнички транспорт, што ѝ овозможува да нуди интегрирани логистички услуги и поврзување на компаниите со светските пазари.
„Нашата компанија во Северна Македонија превезува 40% од контејнерите што влегуваат во земјата. Но, ова за нас е само почетна точка. Гледаме кон иднината и ги анализираме факторите што можат да овозможат дополнително проширување на нашето присуство и активности“, изјави Фаринели.
Тој особено ја нагласи стратешката положба на Македонија, која се наоѓа на пресекот на Коридорот 8 и Коридорот 10, кои се важна транспортна врска во Европа.
Според Фаринели, со правилни инфраструктурни инвестиции, Северна Македонија има можност својот географски недостаток како немањето излез на море да го претвори во конкурентска предност, позиционирајќи се како важен логистички центар.
Николоски: Извозот е приоритет број еден, но проблемите со Шенген ги загрозуваат македонските превозници и економијата
„Извозот е приоритет број еден за домашната економија и нешто што како Влада силно го поддржуваме и стимулираме. Добро е што извозот расте, но очекуваме уште посилен раст, бидејќи сметам дека Македонија има многу поголем потенцијал за пласман на домашните производи на странските пазари“, истакна министерот за транспорт Александар Николоски на Global Trade & Growth Forum 2026.
Министерот особено се осврна на проблемите со кои се соочуваат македонските професионални возачи поради правилата за дозволен престој во Шенген-зоната.

„Најголемиот дел од македонскиот извоз се одвива преку патен транспорт и проблемите со кои се соочуваат превозниците создаваат навистина сериозни тешкотии. Можеме да организираме многу добри форуми и да водиме конструктивни разговори, но ако како земја останеме затворени, тогаш сите тие разговори стануваат беспредметни “, предупреди Николоски, повикувајќи ги меѓународните логистички компании и странските инвеститори што работат во земјава да лобираат во своите матични држави и да помогнат во изнаоѓањето решение што ќе овозможи непречено работење на професионалните превозници.
Николоски ги претстави и активностите на Владата за модернизација и развој на патната и железничката инфраструктура, кои треба да овозможат побрз, поефикасен и посигурен транспорт на патници и стоки, како и подобро искористување на геостратешката положба на Македонија на важните европски транспортни коридори.
Потенцираше дека иако има интерес за приватизација на компанијата Железници Транспорт, таа ќе остане во државна сопственост.
„Како Влада сметаме дека е стратешки исправно државата да ја поседува оваа компанија и да ги искористи предностите што ги нуди нашата поволна геостратешка положба“, изјави Николоски, нагласувајќи дека Владата нема намера да ја продава и дека таа ќе остане во државна сопственост.
Стратешките трговски коридори и извозната конкурентност во фокусот на два панела
Во рамките на Global Trade & Growth Forum 2026 се одржаа и две панел-дискусии посветени на предизвиците и можностите за подобро поврзување на македонската економија со глобалните пазари, унапредување на логистиката и зајакнување на извозната конкурентност на македонските извозни компании.
На централниот панел „Стратешки трговски коридори и иднината на логистиката“ учествуваа Стевица Чарапиќ, регионален директор на MSC Mediterranean Shipping Company за Србија, Црна Гора и Северна Македонија; Марија Дуковска-Павловска, генерален директор и член на Одборот на директори на „Макстил“; Биљана Дескоска, директорка на „Алајанс Уан Македонија“; и Мишо Веселински, претседател на Одборот на директори на „Фимар Балкан АД“.

Дискусијата беше фокусирана на позицијата на Македонија во регионалните и глобалните трговски текови, потребата од модернизација на транспортните коридори и предизвиците со кои се соочуваат извозните компании во обезбедувањето ефикасни и конкурентни логистички решенија. Посебно внимание беше посветено на можностите за подобро поврзување на домашните производствени капацитети со меѓународните пазари, како и на значењето на транспортната инфраструктура и сигурните синџири на снабдување за понатамошниот раст на македонскиот извоз.
Вториот стратешки панел, „Извозна конкурентност: од локално до глобално“, ги обедини Кристоф Гејтер, британски претприемач и коосновач на Quendoo; Љупчо Велески, директор на меѓународна продажба во „Витаминка“; и Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Учесниците дискутираа за начините на кои локалниот потенцијал може да се претвори во глобален деловен успех, предизвиците при освојувањето нови странски пазари и факторите што ја определуваат меѓународната конкурентност на компаниите. Во рамки на панелмдискусијата се потенцираше и улогата на аеродромите во Скопје и Охридво подобрувањето на меѓународната поврзаност на Македонија, развојот на туризмот, привлекувањето инвестиции и создавањето нови економски можности.
Панелот го модерираше Горан Дамовски, тим-лидер на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со свои презентации на форумот настапија и двајца меѓународни експерти, кои споделија искуства и практични пристапи за подобро позиционирање на компаниите на глобалните пазари. Јонас Шпан, управен директор на Global Food Affairs од Швајцарија, се осврна на можностите за поврзување на производителите и добавувачите на храна со европските купувачи, како и на значењето на градењето стабилни деловни партнерства за успешен настап на меѓународните пазари.
Ларс Силбербауер (Lars Silberbauer), меѓународен експерт за брендирање и дигитална трансформација, со професионално искуство во глобално познати организации и компании како LEGO, Olympics и Paramount, говореше за значењето на силните брендови, дигиталните стратегии и иновациите во градењето конкурентност и препознатливост на компаниите на глобалниот пазар.
Порталот Извоз.МК, како медиумски партнер на Global Trade & Growth Forum 2026, во следните денови ќе објави подетални анализи и осврти на клучните пораки, дискусии и препораки од форумот, со посебен акцент на можностите за зголемување на извозната конкурентност на македонските компании.


































