Зголемените трошоци за работна сила, енергија и финансирање вршат притисок врз економската конкурентност на Германија. Сепак, Европската комисија очекува раст од 1,3 %. Од друга страна, веројатно ќе се зголеми и стапката на инфлација.

Европската комисија значително ја зголеми прогнозата за раст на Германија и сега очекува германската економија годинава да порасне за 1,3 %. Во мај, Комисијата предвидуваше раст од само 0,6%.

Според Комисијата, зголемувањето главно се должи на порастот на извозот на почетокот на годината. Глобалната побарувачка беше поттикната, меѓу другото, и од силните инвестиции во вештачка интелигенција. Комисијата наведува дека глобалниот бум во областа на вештачката интелигенција создава побарувачка која ги надминува границите на индустријата за полупроводници. За изградба и опремување на центри за податоци потребни се бројни производи од висока и средна технологија.

Во мај, економските експерти во Брисел значително ги намалија своите очекувања поради високите цени на енергенсите, кои беа последица на војната во која е вклучен Иран.
Според Комисијата, неколку години по пандемијата на коронавирусот, германската економија повторно доби замав кон крајот на 2025 година. „Овој подем продолжи и во 2026 година, и покрај конфликтот на Блискиот Исток.“
„Советот на економски експерти“, голем број истражувачки институти, како и германската сојузна влада, неодамна исто така ги зголемија своите прогнози за раст, во слична мера како и Европската комисија.

Раст поттикнат од понатамошниот бум во вештачката интелигенција

Во исто време, зголемената неизвесност и високата инфлација негативно влијаеја врз приватната потрошувачка, се наведува понатаму во есенската прогноза. Порастот на трошоците за работна сила, енергија и финансирање доведе до намалување на приватните инвестиции.
Комисијата предвидува раст на германската економија од 1% следната 2027 година и 0,7% во 2028 година. Според институцијата од Брисел, се очекува и извозот да има корист од глобалниот бум во вештачката интелигенција во 2027 година.

Дополнителен поттик за раст се очекува од зголемените трошоци за одбрана и инфраструктура. Сепак, бидејќи се предвидува пад на извозот и на државната поддршка во 2028 година, се очекува економскиот раст да забави.
Во позадина се наоѓаат „специјални фондови“ финансирани преку задолжување, наменети за модернизација на инфраструктурата, мерки за подобра заштита на климата, како и зголемување на трошоците за одбрана.

Растот во ЕУ подобар од очекуваното

Според економските експерти, економијата во Европската Унија во првите три квартали од оваа година остварила подобри резултати од очекуваните. И покрај посилната и поупорна инфлација, како и построгите услови за финансирање, тие предвидуваат понатамошен раст.

Европската комисија сега очекува растот на БДП во економијата на ЕУ оваа година да достигне 1,4%(зголемување од претходно предвидените 1,1%). Ова се должи на стабилната потрошувачка и зголемениот извоз.
Според Комисијата, закрепнувањето на извозот во текот на првите шест месеци во голема мера било поттикнато од силната странска побарувачка.
Се очекува порастот на извозот на стоки да остане клучен двигател на растот и во текот на следната година.

Комисијата предвидува раст од 1,4% за следната година, при што се очекува тој да се зголеми на 1,5% во 2028 година.

Сличен тренд се очекува и за еврозоната. „Се проектира дека реалниот БДП ќе порасне за 1,2 % и во 2026 и во 2027 година“, се наведува понатаму. За 2028 година се предвидува раст од 1,3%.

Инфлацијата значително расте

Комисијата, исто така, очекува значителен пораст на инфлацијата во споредба со претходните проценки. Се проектира дека годишната стапка на инфлација во ЕУ ќе достигне 3,3% во 2026 година и 3,2 % во 2027 година, по што ќе се намали на 2,3% во 2028 година. Сличен тренд се очекува и за еврозоната.

Главниот фактор се цените на енергенсите. Во еврозоната, тие во октомври пораснаа за речиси 21% во споредба со истиот месец минатата година.
Истовремено, се интензивираше растот на цените на непреработената храна. Комисијата ова го припишува, меѓу другото, на повисоките трошоци за енергија и ѓубрива, како и на слабите приноси од земјоделските култури предизвикани од горештините и сушата.
Според прогнозата на ЕК, се очекува инфлацијата во ЕУ да го достигне својот привремен врв од над 4% во периодот помеѓу крајот на 2026 и почетокот на 2027 година.