Повисоките трошоци за царини и загриженоста за одржливост се основните причини заради кои водеччките синџири на снабдување бараат алтернативни локации.
Најновата анкета на истражувачката и консултантска компанија Gartner спроведена помеѓу 260 лидери на глобални синџири на снабдување во текот на февруари и март 2020 година, открила дека 33% ги преселиле активностите на снабдување и производство надвор од Кина или планираат да го сторат тоа во следните две до три години.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека пандемијата COVID-19 е само едно од неколкуте нарушувања што ги ставаат глобалните синџири на снабдување под притисок.
„Глобалните ланци на снабдување беа нарушени многу пред да се појави COVID-19. Веќе во 2018 и 2019 година, трговската војна помеѓу САД и Кина ги натера лидерите на синџирите на снабдување да бидат посвесни за слабостите на нивните глобализирани синџири на снабдување и ја доведоа во прашање логиката на силно концентрирани и меѓусебно зависни мрежи.
Како резултат на тоа, фокусот почна повеќе да се става на одржливост на синџирите на снабдување, како и на идејата за регионализација на производството. Но, овој вид на промени доаѓа со одредена цена”, се вели во Извештајот на Gartner.
Зголемените царини се примарна причина за селење на синцирите за снабдување
Со децении наназад, Кина беше дестинација за високо-квалитетно и ниско трошочно производство и се етаблира како клучен извор на снабдување за скоро сите поголеми индустрии, вклучително и продажба на мало и фармацевтски производи.
Но, зголемувањето на царините како последица од трговските конфликти ги натера многу компании да го преобмислат своето работење во Кина.
Истражувањето на Gartner покажало дека царините наметнати од САД и кинеските власти во текот на изминатите години ги зголемија трошоците на синџирите на снабдување од 10% до над 40%. Кај една четвртина од испитаниците, влијанието било уште поголемо.
Втората главна причина за пренесување на дел од активностите надвор од Кина е тоа што лидерите сакаат да ги направат синџирите на снабдување поотпорни и поеластични.
Само 21% од испитаниците од анкетата на Gartner веруваат дека имаат отпорни синџири на снабдување, а 55% очекуваат тие да бидат многу поотпорни во следните две до три години, како реакција на нарушувањата како што се Брегзит, трговските војни и COVID-19.
Како најпопуларни алтернативни локации во истражувањето на Gartner се наведуваат Виетнам, Индија и Мексико.
Сепак, отпорноста има цена. Дури 58% од испитаниците се согласуваат дека поголемата отпорност и еластичност, исто така, резултира во дополнителни структурни трошоци.
Преместување поблиску до клиентот
Една четвртина од испитаниците изјавиле дека веќе го регионализирале или локализирале производството за да бидат поблиску до побарувачката. И покрај трошоците за додавање на повеќе играчи во екосистемот и зголемување на целокупната сложеност, регионалните синџири на снабдување можат да ги олеснат одложувањата и недостатоците во време на нарушување – доколку моделот е економски одржлив.
Многу западни компании ќе треба да истражуваат нови форми на автоматизација во фабриките за да ги намалат трошоците од донесувањето на производството поблиску.
Некои, се залагаат за делумна опција, како што е производство во Азија и приближување само на последното склопување поблиску до клиентот
Во истражувањето на Gartner учествувале 260 испитаници, одговорни за синџирите на снабдување во широк спектар на индустрии, вклучително и високо-технолошки, индустриски и храна и пијалоци.