zamrznat zelencuk

Во текот на 2024 година, од Македонија биле извезени околу 4.000 тони замрзнат зеленчук, во вкупна вредност од 7,8 милиони евра (8,45 милиони долари), покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Во споредба со 2023 година, вредноста на извозот бележи пад од 19,4%, додека количините се намалени за 10,2%.


Вредносно, 2023 година е рекордна во последните шест години, но трендот на намалување на количините е континуиран. Така, во 2024 година, извезените количини се за 22% помали во споредба со предпандемиската 2019 година.

Главни извозни пазари

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголемиот дел од македонскиот замрзнат зеленчук се пласира на пазарите во Европската унија.

  • Германија е водечки извозен пазар, со 2.327 тони замрзнат зеленчук во вредност од 3,1 милион евра во 2024.
  • Италија е втор по големина извозен апзар, со 318 тони и вредност од 2,1 милион евра — најмногу се извезуваат замрзнати печурки.
  • Хрватска следува со извоз од 780 илјади евра.
  • Полска со 470 илјади евра
  • Шпанија со 353 илјади евра

Извоз на замрзнат зеленчук во регионот: Македонија со најнизок извоз

Според податоците од Worldtopexport, речиси сите земји од регионот извезуваат значително поголеми количини на замрзнат зеленчук од Македонија.
Најголем извозник на замрзнат зеленчук во регионот е Србија со извоз во 2024 година во вредност од 41 милион долари. Извозот на Србија е речиси пет пати поголем од македонскиот извоз од 8,45 милиони доалри во истата година), што укажува на потреба од стратешко зајакнување на домашниот агроиндустриски сектор и извозните капацитети.

Следат Грција со извоз од 31,3 милиони долари, Хрватска со извоз од 20,9 милиони долари, Бугарија со извоз од 16,5 милиони долари.

Проценки за пазарот на замрзнат зеленчук

Пазарот на замрзнат зеленчук доживува силен раст поради зголемената побарувачка на потрошувачите за хранливи, лесни за подготовка опции за храна и проширувањето на инфраструктурата за ладен синџир на глобално ниво.

Според истражувањето на Data Bridge, глобалниот пазар на замрзнат зеленчук e проценет на 21,35 милијарди долари во 2024 година и се очекува да достигне 31,74 милијарди долари до 2032 година, со годишна стапка на раст од 5,08% во текот на прогнозниот период.

Северна Америка има најголем удел во приходите од 35,2% во 2024 година. Се предвидува дека Азиско-пацифичкиот регион ќе биде најбрзорастечкиот регион во текот на прогнозниот период, со раст од над 20%, поттикнат од брзата урбанизација, зголемувањето на расположливите приходи и растечката побарувачка за практични прехранбени производи во земји како Кина, Индија и земјите од Југоисточна Азија.

Сегментот на грашок доминира со најголемиот удел во приходите на пазарот од 35,6% во 2024 година, поттикнат од неговата широка употреба во различни кујни, долг рок на траење и леснотија на вклучување во оброците.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

Извоз на зеленчук од 62 милиони евра во првата половина годинава, 18% повеќе од лани

Во кои земји најмногу се извезува македонскиот зеленчук?

Македонското овошје, зеленчук и преработки со голем извозен потенцијал преку Лидл