Трговската размена да се зголеми од сегашните 207 милиони долари на 1 милијарда евра, да се легалириза трговијата и подобро инфраструктурно да се поврзат двете земји, со подобар пристап до пристаништето Драч. Ова се пораките од македонските и албанските бизнисмени кои денеска присуствуваа на денешниот бизнис-форум „Преку границите“, што се одржа во Скопје. Македонско-албанскиот бизнис форум се одржа на иницијатива на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и амбасадорот на Република Албанија во РСМ, Н.Е. Денион Мејдани и обедини голем број бизнисмени и институционални претставници од двете земји, потврдувајќи го огромниот интерес за поинтензивна меѓусебна соработка.
Во своето обраќање на Форумот, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека овој бизнис-форум покажува дека тоа што го зборува бизнисот е клучно, а тоа се „трите магични зборови: извоз, инфраструктура и инвестиции“, нагласувајќи дека нема модерна држава без овие три работи.
Осврнувајќи се на економската соработка меѓу двете земји, Азески истакна дека минатогодишната трговска размена од 207 милиони долари треба да е срам за бизнисмените. Според него, компаниите имаат капацитет размената да надмине една милијарда долари, при што нагласи дека „нелегалната трговија работи многу подобро од нас“ и дека токму тоа треба да биде мотив за обединување, легализирање на прометот и остварување значително поголем економски обем меѓу двете земји.

Азески потенцираше дека Драч треба да биде сериозна алтернатива за нови инфраструктурни поврзувања и за македонскиот бизнис. Тој нагласи дека суштината на бизнисот е постојано барање нови предизвици и потсети дека уште пред еден век се размислувало по далековидо во однос на инфраструктурното поврзување и создавањето коридори.
„Сега ние порачуваме да се отворат коридори за сите земји кои немаат излез на море. Само така Драч ќе стане сериозна конкуренција на Солун, чие пристаниште засега нема алтернатива за македонскиот бизнис“, истакна Азески.
На форумот присуствуваше и министерот за транспорт Александар Николовски, кој потенцираше дека е неопходна поголема инфраструктурна поврзаност како предуслов да се зголеми трговската и економската соработка.
“Економската соработка е добра, но може да биде многу подобра. Имајќи ја предвид поврзаноста на двете држави, бројките се незадоволотелни. Минатата година размената достигнала 180 милиони евра или зголемување од 40 милиониво споредба со 2020 година. Ова е добро, но имајќи ја предвид поврзаноста на двете држави, тогаш овие бројки се незадоволителни и треба да бидат многу, многу повисоки. Чудно е како успеваме да тргуваме со Германија, Франција, Велика Британија, а не и меѓусебе, во регионот. Тоа мислам дека е сериозен предизвик. Нашата задача, на двете влади и на бизнисмените, е размената да биде во милијарди, а не во стотици милиони евра. Тоа е потенцијал што двете држави го имаат – истакна Николоски.
Тој ги охрабри учесниците на Форумот да размислуваат за конкретни и „радикални“ решенија, како што се укинување на царинските бариери, подобра инфраструктура, заеднички настап на трети пазари и создавање нови услуги и пазари заради диверзификација на ризиците, имајќи предвид дека голем дел од компаниите се доминантно насочени кон поединечни пазари во Европската Унија.
На крајот, Азески порача дека Комората стои зад бизнисот и дека довербата на компаниите е од суштинско значење, нагласувајќи дека „поголем профит за компаниите носи подобар стандард за граѓаните и напредок за државите“.

Во рамки на воведните обраќања, претседателката на Унијата на стопански комори на Албанија, Инес Мучостепа, нагласи дека инвестициите, поврзаноста и туризмот се области во кои бизнис-заедниците од двете земји можат да дадат силен придонес за продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за заеднички настап и развој.
Амбасадорот на Република Албанија во РСМ, Н.Е. Денион Мејдани, истакна дека Коридорот VIII претставува стратешки проект за ЕУ-интеграцијата и поврзувањето на регионот, посочувајќи дека поголемата доверба, инвестициите и заедничките проекти се клучни за идниот развој, додека вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, оцени дека економската соработка меѓу двете земји бележи напредок, но сè уште е далеку под реалните потенцијали, нагласувајќи дека е потребно подобро инфраструктурно поврзување, но и промена на деловниот пристап и менталитет во регионот.
Во рамки на Форумот се одржаа три панел-дискусии посветени на инвестициите, инфраструктурното поврзување и туризмот како области со значителен потенцијал за продлабочување на билатералната соработка.
На панел-дискусијата „Инвестициски можности: Од потенцијал до партнерство“, претставници на институции и инвестициски агенции од двете земји разговараа за унапредување на деловната клима, привлекување инвестиции и поддршка на приватниот сектор.
Панел-дискусијата „Коридор VIII: Пат што го поврзува растот“ беше фокусиран на значењето на инфраструктурното и транспортното поврзување, логистиката и пристапот до пристаништата како предуслов за поголема трговска размена и економска интеграција.
На панел-дискусијата „Од Охрид до Јадранот“ учесниците дискутираа за можностите за заедничка туристичка промоција, развој на регионални туристички понуди и подобро искористување на туристичките потенцијали на двете земји.
На Форумот беше оценето дека бизнис-заедницата мора да биде двигател на регионалното поврзување, конкурентноста и економскиот раст, во насока на поттикнување на неискористен потенцијал на економската соработка меѓу Македонија и Албанија.

























