Македонија е меѓу земјите кои се целосно зависни од руски гас. Дополнително, целиот гас што се користи во земјава се увезува преку Бугарија.
Доколку се наруши или стопира транзитот на руски гас низ Бугарија, Македонија нема алтернатива за снабдување од друг извор. Во таков случај, со сериозни проблеми би се соочиле повеќе индустриски капацитети, како и топланите што користат гас за загревање.
Годишната потрошувачка на гас во Македонија изнесува од 400 до 500 милиони кубни метри, што претставува околу една третина од капацитетот на постојниот гасовод.
Природниот гас се увезува исклучиво од Русија, што значи дека земјата е 100% зависна од рускиот гас. Дополнително, увозот се врши преку единствена влезна точка на границата со Бугарија. Главни потрошувачи се индустриските капацитети и трите комбинирани електрани за производство на топлина и електрична енергија, додека домаќинствата имаат речиси занемарлив удел поради ограничената дистрибутивна мрежа. Бидејќи постои само една главна влезна точка, секое прекинување би можело да предизвика сериозен удар – потенцијално целосен, доколку не постои достапно резервно снабдување.
Иако се работи на диверзификација на изворите, како што е гасот од Азербејџан преку Грција, интеконекторот со Грција е сè уште во изградба и нема да биде функционална алтернатива за потребните количини до 2027 година, кога се очекува негово завршување.
Бугарија и транзитот на руски гас – нови предизвици
Бугарскиот премиер Росен Жељазков пред околу еден месец изјави за бугарската агенција БТА дека Бугарија ќе го суспендира транзитот на руски гас за краткорочни договори во 2026 година, како дел од плановите на Европската унија за целосно прекинување на увозот на руски гас.
Имено, гасоводот „Турски тек“, кој минува низ Бугарија, е единствениот моментален пристап на „Гаспром“ до европскиот пазар.
Ако на тоа се додаде и неодамнешната одлука на Советот на Европа за целосно сопирање на увозот на руски енергенси од 1 јануари 2027 година, ситуацијата во Бугарија може дополнително да се усложнува во следниот период.
Нацрт-регулативата што ја усвои Советот на ЕУ не бара експлицитно забрана за транзит на гас до трети земји, додека предвидува привремена суспензија за земјите-членки во случај на прекин на снабдувањето. Предлогот, исто така, дозволува можност за увоз на неруски гас преку гасоводот Турски тек.
Ќе има преоден период за постојните договори за руски фосилен гас. Краткорочните склучени пред 17 јуни оваа година ќе останат во сила до 17 јуни 2026 година. Долгорочните договори може да важат до 1 јануари 2028 година. Тоа е исто така целниот датум за прекин на увозот на руска нафта.
Бугарскиот премиер исто така изјави дека при неодамнешната посета на САД за време на собранието на Обединетите Нации, со американската администрацијја било разговарано за намалување на зависноста на Бугарија од руски енергенси и за прекин на транзитот на руски гас.
Доколку САД и ЕУ извршат притисок врз Бугарија да го прекине транзитот на руски гас, Македонија би била колатерална штета – сериозно погодена од евентуален прекин на снабдувањето.
САД ја санкционираа најголемата рафинерија во Бугарија: можна е криза во снабдувањето со горива
Бугарија се соочува со потенцијална криза во снабдувањето со нафтени деривати, откако САД воведоа санкции кон двете големи руски енергетски компании – „Роснефт“ и „Лукоил“, нивните подружници и компании во кои имаат над 50% сопственост.
Бугарија ќе биде меѓу земјите со најсилен директен ефект од санкциите – тие ќе ја погодат единствената голема рафинерија „Лукоил Нефтохим Бургас“ и најголемиот трговец со гориво „Лукоил Бугарија“, преку сопственикот „Литаско“ од Швајцарија, под крајна контрола на ПЈСК „Лукоил“ од Руската Федерација.
Од 21 ноември, рафинеријата и бензинските пумпи ќе мора да престанат со работа поради недостаток на банки што би соработувале со санкционираните компании. Пазарот на горива во Бугарија ризикува да биде блокиран за помалку од еден месец, доколку не се најде решение.
„Имаме еден месец во кој треба да донесеме национална одлука за тоа како да пристапиме кон рафинеријата, заедно со нејзиното раководство“, изјави премиерот Жељазков.
Министерката Божиновска не очекува проблеми во снабдувањето со гас
Македонската министерката за енергетика Сања Божиновска на прашање дали Македонија треба да биде загрижена поради новата одлука на ЕУ за забрана на транзит на европски гас, со оглед на тоа што терминалот во Александрополис сè уште не функционира изјави:

„Тоа важи за краткорочните договори, колку што ми е познато, но бидејќи е предвидено да започне од 1.1.2027 година, мислам дека ќе има уште подобрувања. За долгорочните договори нема влијание. Македонија троши околу 500 илјади метри кубни гас, што не е голема количина. За 2027 година веќе работиме на гасоводот со Грција, кој дотогаш треба да биде готов. Не очекувам проблеми, бидејќи ова прашање ќе се решава на европско ниво – сите земји што нема да можат да обезбедат снабдување ќе бараат алтернативи.
Во Брисел ќе се водат разговори и ќе се најде решение,“ рече Божиновска



























