Индустријата, како еден од главните двигатели на извозот и вработеноста, се соочува со намалено производство и намалување на бројот на работници.

Бројот на работниците во индустријата е намален за 2,6 % во мај 2026 во однос на мај 2025 година, објави Државниот завод за статистика.

Бројот на работниците во мај 2026 година, во однос на мај 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,3 %, а во секторот Преработувачка индустрија за 2,5 %. Единствено во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има зголемен бројх на работници во мај годинава за 1 % во споредба со мај 2025 година.

Во периодот јануари – мај 2026 бројот на работниците бил помал за 3% во однос на периодот јануари – мај 2025 година.

Во рамки на преработувачката индустрија, намалување на бројот на работници во мај имало во 16 од вкупно 23 гранки и тоа најголем во:

-производство на облека    -11,9%

-производство на кожа и слични производи од кожа    -7,5%

-производство на електрична опрема    -2,8%

-производство на моторни возила,
приколки и полуприколки                -2,5%

– производство на текстил -2,3%

-производство на хемикалии и хемиски
производи                                              -2,3%

-производство на фабрикувани метални
производи    -2,2%

-производство на машини и уреди      -1,8%

Зголемување на бројот на работници, пак, во мај имало во пет гранки, а најголем во :

-производство на тутунски производи         +16,9%

-производство на компјутерски, електронски и оптички производи       +13,4%

-производство на пијалаци     +3,5%

Од почетокот на годината бројот на работници бележи континуиран пад во споредба со соодветните месеци од минатата година.

Како што пишуваше ИзвозМК, индустриското производство во мај бележи пад од 2%, додека во преработувачката индустрија падот е 2,6%.

Континуираното намалување на бројот на работници, заедно со падот на индустриското производство, укажува дека македонската индустрија се соочува со сериозни предизвици.

Без закрепнување на европската автомобилска индустрија и поголема конкурентност на домашните компании, притисокот врз индустриското производство и пазарот на труд би можел дополнително да се продлабочи.