Volkswagen размислува за производство на автомобили во Египет, како дел од плановите за освојување на нови африкански пазари, бидејќи се справува со послабата побарувачка дома.

Многу сме заинтересирани за Египет како производствен центар и се надеваме дека наскоро ќе можеме да објавиме бизнис план“, изјави во интервју извршниот директор на „Фолксваген груп Африка“, Мартина Биене.
Меѓу можните потези, најголемиот европски производител на автомобили прво би можел да воспостави единица за склопување користејќи ги постојните капацитети. Потенцијален следен чекор би бил изградба на локална фабрика во најнаселената земја на Блискиот Исток, рече Биене.

„Volkswagen“ го намалува производствениот капацитет и работните места во Германија поради зголемените трошоци, послабите пазари во Европа и порастот на поевтините кинески конкуренти.
Сестринските брендови „Ауди“ и „Порше“ исто така отпуштаат работници за да ги намалат трошоците.
Размислувањата доаѓаат во време кога Египет се стреми да привлече странски инвестиции и да го зголеми локалното производство и извозот откако излезе од исцрпувачката двегодишна економска криза.
Автомобилската индустрија би можела да биде клучен двигател, при што владата ја проценува локалната побарувачка на повеќе од 8 милијарди долари годишно во текот на следната деценија.

Домашниот пазар на Египет и неговата близина до потрошувачите во остатокот од Блискиот Исток и Африка може да бидат меѓу привлечните страни за локацијата.

Тоа го прави различен од Мароко, кој моментално е водечки производител на патнички автомобили во Африка и најголем извозник, рече Биене.

Во Мароко, „автомобилскиот бизнис е многу фокусиран на извоз во Европа“, рече таа. „Моментално не бараме проширување на нашето присуство со фабрики за извоз во Европа, бидејќи штотуку затворивме фабрики во Европа“.

Volkswagen, кој планира да го намали германскиот производствен капацитет за повеќе од 700.000 единици и да намали 35.000 работни места до 2030 година, традиционално се бори да се натпреварува на пазари чувствителни на трошоците како Африка, Индија или Југоисточна Азија против послабите конкуренти како што се Тојота или Хјундаи.

Компанијата моментално има целосно развиен производствен погон во Јужна Африка и погони за склопување во Гана, Руанда и Кенија.
Целта е да работи на дури пет производствени погони низ Африка во следните 10 до 15 години, при што секој ќе произведува различни модели и ќе извезува на други пазари на континентот.

Извор: Bloomberg