Турската компанија Џагатај Кабло која веќе подолго време работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1 ќе инвестира 6 милиони евра во проширување на своето производство со изградба на нов објект од околу 10.000 квадрати, што ќе донесе нови 200 вработувања.
Oд Дирекцијата за технолошки индустриски зони ТИРЗ информираат дека новата фабрика ќе биде двојно поголема од постоечката и освен што ќе отвори нови работни места, истата ќе донесе и нови технологии.
Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски вчера во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Toj посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата.
Тој истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.
“Од страна на менаџментот беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија. По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот”, информираат од ТИРЗ.
Основана во 1998 година, турската компанија Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.

Според последната едиција Топ 100 Извозници, фабриката на Чагатај Кабло во Македонија е 57-ми најголем извозник од земјава со извоз од 12,3 милиони евра во 2023 година.
Фабриката на Чагатај Кабло во Македонија почна со работа во 2018 година, а во земјата дојде како снабдувач на производителот на автобуси ВДЛ Ван Хоол.
Изминатата 2024 година, Џагатај Кабло ја завршил со вкупни приходи од 9,5 милиони евра, што е намалување од 24% во споредба со 2023 година.