При пад на извозната побарувачка за нашите стоки и услуги во текот на минатата година, којшто беше со сличен интензитет како и во текот на глобалната криза во 2009 година, извозот забележа пад од 10,1%. За оваа година се проектира постепено закрепнување на странската побарувачка и раст на извозот од околу 15,2%, што е важно за закрепнувањето на економијата по шокот што ѝ го зададе пандемијата. Впрочем, и податоците за првиот квартал од оваа година упатуваат на солиден раст на извозот.
Ова, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на вебинарот посветен на улогата на монетарната политика во периодот на корона-кризата и на макроекономските проекции за 2021 година, организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД). Е-настанот го отворија проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, деканката на Економскиот факултет при УГД, проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска и проф. д-р Дарко Лазаров.
Во воведниот дел на презентацијата, осврнувајќи се на глобалниот амбиент и видувањата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Ангеловска-Бежоска, посочи и на значењето на глобалниот амбиент за извозната активност на македонската економија.
„За нас, како мала економија, од клучно значење е закрепнувањето на глобалната економија, односно на нашите најзначајни трговски партнери. ММФ превидува раст на европската економија од 4,4%, а 3,6% за германската економија на која отпаѓаат над 50% од нашиот извоз. Особено е значајно што се очекува солиден раст на германската индустрија поради вклученоста на домашните производствени капацитети во германските синџири на производство на автомобили.“ – истакна гувернерката.
Таа посочи дека ризиците за проекцијата се главно поврзани со времетраењето на пандемијата, спроведувањето на процесот на вакцинација, продолжувањето на мерките за поддршка на економиите, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирањето на очекувањата кај потрошувачите и инвеститорите.
Во излагањето, Ангеловска-Бежоска даде компаративен осврт на реакциите на носителите на монетарната и на фискалната политика кај нас, во регионот и на глобално ниво, од избувнувањето на пандемијата наваму, како и на досегашните видувања за постигнатите ефекти. Потоа, таа го претстави макроекономското сценарио на Народната банка за периодот 2021-2023 година, задржувајќи се одделно на сите клучни сегменти – очекувањата за економскиот раст, движењата на цените, билансот на плаќања и очекуваниот депозитен и кредитен раст.
„Се очекува дека 2021 година ќе биде година на постепено закрепнување на домашната економија, при што економскиот раст ќе биде поддржан и од банкарскиот систем. Економскиот раст нема да предизвика поголеми притисоци врз инфлацијата, којашто главно би се задржала на умерено ниво.“ – истакна гувернерката во завршницата на излагањето, по што ги напомена и ризиците за проекциите, посочувајќи дека Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата.