Речиси 73.000 компании во Италија го прекинаа работењето поради пандемијата, покажа истражувањето на италијанскиот завод за статистика Истат.
Истат го спроведе истражувањето меѓу нешто повеќе од милион компании во периодот од 23 октомври до 16 ноември, се вели во соопштението.
Тоа се компании од индустријата, градежништвото, трговијата и другите сектори за давање услуги. Бројката од речиси 73.000 фирми претставува приближно 7% од вкупниот број анкетирани компании.
Од таа бројка, приближно 55.000 компании очекуваат повторно да започнат да работат во иднина, додека скоро 17.500 од нив се трајно затворени. Истражувањето на Истат, понатаму покажа дека нешто повеќе од 700.000 компании работат нормално, додека речиси 244.000 се делумно отворени.
Огромното мнозинство, 85% од затворените компании, се мали фирми,  со помалку од девет вработени. Обично се работи за спортски центри, мали хотели, продавници на мало и обложувалници.
Истат соопшти и дека во периодот од јуни до октомври, повеќе од две третини од компаниите пријавиле пад на прометот во споредба со истиот период минатата година, а дополнителни загуби во периодот од декември до февруари очекуваат 61,5% од нив.
Околу 42% од компаниите користеле субвенции од владината програмата за надомест на плати на вработените, за разлика од 70% во мај, кога земјата беше во т.н. локдаун. Италија, со приближно 60 милиони жители, е меѓу најтешко погодените земји, со вкупно над 1,8 милиони заразени и приближно 64.500 мртви од последици на Ковид-19.