Економското влијание врз Германија од руската инвазија на Украина ќе трае со години, вели за Ројтерс економистот Марсел Фрацшер од германскиот Институт за економски истражувања, додавајќи дека тоа може да чини 3 процентни поени од растот оваа година.
Фрацшер, чиј Институт ја советува владата на најголемата европска економија за макроекономската политика, смета дека влијанието може да трае до 2025 година кога Германија очекува да се ослободи од секаква изложеност на руски гас.
Германија, која со децении напредуваше од сигурните текови на евтин руски гас, брза да се преориентира по избувнувањето на војната во февруари.
„Војната во Украина нанесе огромна штета на германската економија“, смета Фрацшер, додавајќи дека од растот од 4,5% што бил очекуван на почетокот на годината може да остане само 1,5%.
Влијанието врз инфлацијата, преку високите цени на енергијата, исто така ќе се одржи за сличен период, меѓутоа тој смета дека засега нема причина за стравување од влегување во сприралата на повисоки плати.
„Синдикатите не се толку силни како што беа во 1970-тите“, рече тој, истакнувајќи дека овогодинешниот прогнозиран раст на платите од 4,5 отсто е многу помал од инфлацијата од околу 8 отсто. „Дури и во наредните години не гледам знаци дека паѓаме во спирала на платите“.